Досегашната в.д. директорка на Театар Комедија-Скопје Нора Шаќири -Марковиќ вчера е разрешена од оваа функција, а на нејзиното место е назначена актерката Магдалена Ризова -Черних. Одлуката е донесена од страна на министерката за култура, Ирена Стефоска, по добиениот Извештај од Државниот инспекторат за труд.

Фото:Фејсбук
Фото: Фејсбук

 

“Во Извештајот е констатирано дека раководното лице презело активности спротивни на член 34 став 1 алинеа 3 од Законот за спречување на корупција и судир на интереси, член 8-а став 1 алиниеа 3 од Изборниот законик и член 11 од Законот за заштита од вознемирување на работно место. Со тоа се потврдува дека раководното лице водело и ја завршило  дисциплинската постапка врз вработени во време на изборен процес.

 

За нов в.д. директор на НУ Театар Комедија е назначена актерката Магдалена Ризова -Черних која и е вработена во театарот“, се вели во известувањето на Министерството за култура.

Фото: Фејсбук

 

Инаку, во медиумите е објавено дека минатата недела во театарот е извршена вонредна инспекциска контрола по пријава дека наводно “директорката вршела мобинг и психичко вознемирување врз вработените“. Шаќири-Марковиќ ги негираше наводите, а истакна и дека „Театар комедија“ и во ова пандемиско време има претстави кои се добро посетени.

Инаку, Нора Шаќири-Марковиќ беше именувана за в.д. директор на Театар „Комедија“ во февруари годинава откако Министерството за култура го разреши Сашо Ристовски поради “неправилности во работењето, утврдени од вонредниот инспекциски надзор од Министерството за култура“. При надзорот било утврдено дека Ристовски на позиција директор на театарот презел обврски над одобрените средства од Министерството за култура, без притоа да ги обезбеди од други извори, со што сторил повреда на чл. 70 а, став 4 од Законот за културата.