Нов циклус на обуки за промоција на хумани вредности за младите од Куманово

123

Почна новиот циклус работилници за промоција на хумани вредности на кои се обучуваат млади од Куманово, информираа денеска од општинската организација на Црвен крст.

На првата, од трите предвидени работилници за ученици од 14 – 17 годишна возраст учениците имаа можност да научат за општествено – социјални проблематики, работа на проекти за подобрување на општествените состојби, работа во тим од врсници – ентузијасти, пакет обуки за менаџмент со проект и општествени промени како и менторство од искусни волонтери. Волонтерите ги обучуваат учесниците за изработка на мали и микро проекти за помош на ранливото население.

-Општинската организација на Црвен крст Куманово и оваа година ќе биде дел од новиот циклус во кој е предвидено да бидат вклучени младите ученици од 14 – 17 години во изработка на мали и микро проекти за помош и поддршка на ранливото население, изградба на взаемно разбирање и толеранција, културата на дијалог и будење на хуманата димензија кај младите-изјави, секретарот на општинската организација, Бојан Петрушевски.

Во Куманово на работилниците учествуваат ученици од различни етнички заедници. На вториот циклус работилници, волонтерите ќе се стекнат со знаење за изработка на мали и микро проекти за потребите на локалната заедница.

Преку овие проекти досега, доделена е помош на екстремно ранливи категории граѓани, обнова на мини паркови во училишта во руралните средини, учење на јазиците од локалната заедница, со што се подобрува можноста за комуникација меѓу ученици од различни етнички заедници, помош при пронаоѓање на работа, реконструкција на дел од куќи и домови на социјално загрозени семејства. Овој циклус на промоција на хуманите вредности е предвидено да трае наредните три месеци.