Нов протест на опозицијата во Албанија, Баша дојде со семејството и повика на смиреност

157

Под мотото „За европска Албанија“ и „Рама заминувај“ се одржа деветтиот национален протест во Тирана во организација на опозициските партии против Владата на премиерот Еди Рама.

Според организаторот на протестот, лидерот на Демократската партија, Љуљзим Баша, протестите се одржуваат против организираниот криминал, невработеноста, сиромаштијата и фатените институции од власта.

Според Баша, од актуелната Влада е загрозена и евроинтеграцијата на Албанија.

Баша им порача на граѓаните дека промените доаѓаат, алудирајќи на преземањето на власта од партијата на Еди Рама на следните избори за кои се уште не е извесно дали ќе се одржат на 30 јуни како што инсистира Рама или ќе бидат одложени како што со декрет потпиша претседателот Илир Мета.

Опозицијата ги делегитимираше сите државни институции кои според Баша, се ставени во заштита на криминалот, а не да бидат во служба на граѓаните како што треба да биде. На протестот му се придружи и екс премиерот, Сали Бериша.

Баша претходно вети дека протестите ќе бидат мирни и најави дека тој ќе дојде со семејството.