Нов протест во Минеаполис по убиството на Афроамериканец за кое се обвинува полицијата

31

Во предградие на Минеаполис, во американската сојузна држава Минесота, синоќа избија немири по смртта на еден млад Афроамериканец, за што демонстрантите ја обвинуваат полицијата.

Токму во овој град од минатата недела се води судскиот процес проти полицаецот кој е обвинет за смртта на Афроамериканецот Џорџ Флојд, кој почина во мај минатата година откако полицаецот со коленото неколку минути му ја држеше главата притисната на земја, по што тој се задуши и почина.

Смртта на Флојд потоа предизвика повеќемесечни демонстрации и немири низ САД, во кои беа осудени расизмот и полициската бруталност.

Мајката на Донте Рајт, 20-годишниот Афроамериканец кој беше убиен вчера, им порача на насобраните на протестот дека нејзиниот син се јавил за да и каже дека е однесен од полицијата, пренесуваат медиумите. Таа, додаде, дека  потоа слушнала како еден од полицајците бара од нејзиниот син да го остави телефонот, а друг како го прекинува повикот.

-Набрзо потоа се јави девојката на Рајт да ми каже дека Донте е убиен, изјави мајката на Рајт пред насобраните.

Бирото за кривични работи во Минесота набрзо потоа потврди дека ја испитува можноста за вмешаност на полицаец во пукањето во Бруклин Центар, во северозападен Минеаполис.

Според извештајот на полицијата во населбата Бруклин Центар, патрола запрела еден возач поради сообраќаен прекршок. Потоа сфатиле дека е распишана потерница по него и се обиделе да го уапсат. Тој, меѓутоа, се вратил кон своето возило, а еден полицаец употребил оружје и го погодил возачот кој починал на самото место. Патничката во возилото била повредена, но нејзиниот живот не е загрозен и е пренесена во болница, се наведува во соопштението.

Потоа, синоќа, околу 200 лица се собраа во Бруклин Центар, а полицијата излезе пред нив, со опрема за растурање демонстрации.

Локален весник известува дека толпата ги искршила ветробранските стакла на две полициски возила и дека полицијата користела оружје што не било смртоносно за да ги растера.

По околу еден час, бројот на полицајци се намалил, а демонстрантите запалиле свеќи и пишувале пораки со креда на тротоарот, барајќи правда за Донте Рајт.

Градоначалникот на Бруклин Центар изрази жалење за, како што кажа, трагичниот инцидент и ги повика демонстрантите да останат смирени и да избегнуваат каква било нова употреба на сила. Меѓутоа, до нови инциденти дојде кога неколку стотици демонстранти се собраа пред полициската станица во Бруклин Центар.

Француските меидуми навеудваат дека полицијата во употребила шок-бомби и солзавец за да ги растера демонстрантите од пред полициската станица.

Извор: МИА