Нов почеток во деветтата деценија: Виенски пензионери започнаа бизнис – прават пиво во дом за стари лица/ВИДЕО

113
Скриншот јутјуб

Корисниците на виенскиот домот за стари лица „Акгерздорф“, повеќето во деветтата деценија, нашле одличен рецепт за пополнување на времето – прават пиво еднаш неделно, а потоа се дружат со пијачка.

Заедно со управата на домот, проектот го започнаа пред две години, за време на пандемијата, кога движењето и посетите беа забранети, или ограничени. Отворањето на мал паб во подрумот имаше за цел да ги подобри моторните и когнитивните способности на станарите, забавата и задоволството и разбивање на досадата.

– Сите што сакаа беа вклучени во целиот производствен процес: од миење шишиња до етикетирање. Заедно со готвачот го мелат сладот, го матат, ја следат температурата, го варат јачменот, го ферментираат пивото и го истураат во шишиња. Досега наполниле околу 15.000 шишиња, но со неодамнешното проширување на производството, наместо 6.000, ќе можат да произведуваат 12.000 шишиња пиво годишно – пишува виенскиот печат.

Домот доби и нов простор за дегустација, во кој ќе уживаат повозрасните граѓани од целата населба, а ќе се снабдуваат и други домови за стари лица и пензионерски клубови.

Понудата вклучува лагер пиво од килибарна боја „ома“ (на германски „баба“) и „опа“ (на германски „дедо“), како и светло пиво „хелга“ и „хелмут“.

– Во производството се користени четири природни состојки: виенска планинска изворска вода, хмељ, квасец и слад. Пабот е уреден во индустриски стил и прилагоден за лицата со посебни потреби. Многу од нашите жители беа љубопитни да дознаат како пивото доаѓа до чашата и ние им го овозможивме тоа – вели Роберт Гушелбаер, шеф на гастрономскиот менаџмент.

Одредени виенски домови за стари лица произведуваат и сопствен мед, мешавини за зачини, прават колачи во својата слаткарница и ги продаваат сите производи во продавниците за сувенири во домовите. Пивото од пабот „Acgerzdorf“ чини две евра по шише.