Нов облик на коронавирус откриен кај пациент во Турција

271

Во Турција e откриен необичен облик на коронавирусот и тоа кај педесет и двегодишен човек и засега е единствениот пример по начинот на кој бил нападнат од новиот коронавирус. Пациентот ги немал симптомите кои вообичаено се поврзуваат со болеста – како кашлица или висока температура.

Тој имал симптоми на вирусот кои се многу слични на симптомите на рак на белите дробови. На овој пациент кој живее во јужната турска провинција Кахраманмарас првично му е дијагностициран рак на белите дробови, но пред операцијата за отстранување на туморот, тој бил позитивен. По оздравувањето од инфекцијата, на изненадување на лекарите, немало траги на малигнитет.

Докторката Фатос Козанли, која го следела овој пациент, изјавила дека пациентот би можел да биде прв во светот заразен со таков облик на вирусот. Тој имал болки во градите кога бил хоспитализиран, кога било констатирано дека има тумор на десното белодробно крило.

„Имаше само болка во градите, која првично беше поврзана со рак на белите дробови“, рече таа за новинската агенција ДХА, објавија турските медиуми.

По прегледот му бил дијагностициран рак и му е закажана операција, која сепак била одложена кога тој добил позитивен резултат на тестот за ковид-19. Козанли, која требало да го оперира, ги направила последните снимки откако тестот на пациентот за ковид бил негативен. Тогаш докторката дознала дека пациентот воопшто нема тумор.

Козанли рекла дека во меѓународни медицински списанија не нашла никакви информации за таков случај.