Нов мутиран корона-вирус напаѓа

Владата ги забрани сите летови од Велика Британија во земјава, по појавата на мутацијата на ковид-19. Комисијата за заразни болести препорача само 14-дневна изолација за патниците од Британија. Засега не се разгледува опцијата да се предложи задолжителен ПЦР-тест за влез во нашата земја. Научниците од британската влада, според прелиминарните докази веруваат дека се шири и до 70 проценти полесно од другите видови. Ова значи дека ќе се зголеми ‘R’, односно стапката на репродукција, што се однесува на просечниот број на луѓе што може да го зарази едно заразено лице. Според информациите од стручната јавност, мутацијата се појавила во Лондон или Кент уште во септември

822

Владата  ја спушти рампата за сите летови од Велика Британија во земјава , по појавата на мутацијата на ковид-19. Комисијата за заразни болести препорача и 14-дневна изолација за патниците од Британија.

Засега не се разгледува опцијата да се предложи задолжителен ПЦР-тест за влез во нашата земја.

По најновите информации поврзани со појавата на забрзано ширење на коронавирусот во Велика Британија, на состанок на главниот кризен ковид-штаб донесовме одлука за забрана за сите летови од Велика Британија во Северна Македонија. Дополнително, се воведува и задолжителна 14-дневна самоизолација за сите патници што по воздушен или копнен пат, директно или индиректно пристигнуваат од Велика Британија во Северна Македонија“, информираше премиерот Зоран Заев.

„Визер“ има два пати неделно, во вторник и четврток, летови од Лондон (Лутон) до Скопје.

Министерството за здравство апелира до сите граѓани што патуваат да ги почитуваат здравствените протоколи, како задолжително носење заштитна маска во автомобил или друго превозно средство, а превозниците да ја почитуваат мерката за бројот на патници со цел заштита на здравјето на граѓаните.

 Англија се затвори, но вирусот се шири

Светската здравствена организација потврди дека новиот вид на коронавирусот кој првично беше регистриран во Велика Британија се појавил и во Данска, Холандија и во Австралија. Постојат индиции дека заразата досега се појавила и во Франција.

Од неделата, околу 21 милиони луѓе се под построги мерки во Лондон, југоистокот и исток на Англија и Велс, кои се воведени за да се запре ширењето на многу заразен нов вид на ковид-19. Британскиот премиер Борис Џонсон рече дека новиот вид „може да биде и до 70% попренослив“ од оригиналната верзија на болеста. Мутацијата која се појави на југоистокот на Англија, е пронајдена е и во Данска, Холандија и Австралија, објави техничкиот директор на Светската здравствена организација, Марија ван Керхове.

Крис Вити, главен советник за здравство во британската влада на Англија, рече дека овој вид предизвикал над 60% од новите случаи во Лондон во текот на изминатата недела.

Поради тоа, таканареченото ниво од 4 мерки беше воведено во голем дел од земјата, а Божиќ практично беше укинат. Луѓето од тој регион се советуваат да останат дома, освен во случај на итни патувања, закажување лекари и вежбање на отворено. На други им се препорачува да не патуваат во регионите каде се воведени најстрогите мерки, а на оние што живеат во нив нема да им биде дозволено да заминуваат. Продавниците, кои не се неопходни, се затворени, како и спортските сали, кината, фризерските салони и салоните за нокти.

По откривањето на мутацијата на коронавирус и во Холандија, земјата беше меѓу првите што забрани летови на патници од Велика Британија до 1 јануари, соопшти холандската влада.  Потоа, Белгија и се придружи на Холандија во забраната на летови од Велика Британија, а исто така ги прекина и железничките врски во обид да спречи нов вид на вирусот да стигне до земјата.

По Холандија и Белгија, Австрија, Кувајт и Италија се решија на истиот чекор. Летовите ги суспендираа и Канада, Хонгконг, Аргентина и Чиле. Истите мерки до вчера претпладнето беа воведени и во Белгија, Италија, Ирска, Германија, Данска, Австрија, Швајцарија, Турција, Бугарија, Хрватска и Романија.

Илјадници патници останаа заглавени на аеродромот „Хитроу“ откако голем број европски земји го прекинаа воздушниот сообраќај со Велика Британија поради појавата на новиот вид коронавирус во оваа земја.

 70% позаразен, нема докази дека е поопасен

Научниците од британската влада, според прелиминарните докази веруваат дека се шири и до 70 проценти полесно од другите видови. Ова значи дека ќе се зголеми ‘R’, односно стапката на репродукција, што се однесува на просечниот број на луѓе што може да го зарази едно заразено лице. Според информациите од стручната јавност, мутацијата се појавила во Лондон или Кент уште во септември. Првпат беше официјално идентификуван од владината лабораторија за тестирање во Милтон Кејнс на 20 септември, но можно е и пред тоа да циркулирал кај луѓе кои претходно не биле тестирани.

Научниците смируваат дека засега нема докази дека новиот тип предизвикува поголема стапка на хоспитализации или смртни случаи, но ако се заразат повеќе луѓе, бидејќи новиот вид се шири полесно, тогаш „неизбежно“ повеќе луѓе ќе завршат во болници. Трите главни симптоми за кои треба да внимавате остануваат исти: постојана кашлица, треска или висока температура и промена на сетилата за мирис или вкус.

Се советуваат истите мерки на заштита против овој вид – односно редовно миење на рацете, носење маски и избегнување контакт со луѓе надвор од домаќинството.

 Постојните вакцини се ефикасни и против мутацијата на вирусот?

Експертите на ЕУ заклучија дека сегашните вакцини против коронавирусот се ефикасни против новиот вид откриен во Велика Британија, објави во неделата вечерта германската влада.

„Според сè што во моментов знаеме и по дискусијата од европски експерти, новиот вид не влијае на вакцините и тие остануваат ефикасни“, рече германскиот министер за здравство Јенс Спан.

Тој особено зборуваше за ефективноста на вакцината Pfizer / BioNTech, која веќе се користи во повеќе земји во светот и која наскоро ќе биде одобрена од Европската агенција за лекови.

Научниците сè уште работат на претпоставката дека „одговорот на вакцината треба да биде соодветен“ и за оваа варијанта, но дека треба внимателност. Предупредуваат дека вакцината произведува антитела против многу делови на протеините во клетката на вирусот, па затоа е малку веројатно дека една промена или неколку би ја направиле вакцината бескорисна.