Нов дневен центар за деца и млади со интелектуална попреченост

38

До крајот на годинава се очекува да започне со работа новиот дневен центар за деца и млади со интелектуална попреченост на возраст помеѓу 14 и 16 години, што се наоѓа во Заводот за рехабилитација на деца и младинци во Скопје.

Како што соопшти Министерството за труд и социјална политика, градежните работи се започнати во септември, и се одвиваат со планирана динамика. Капацитетот на дневниот центар ќе биде 25 корисници.

Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска вчера изврши увид во напредокот на реконструктивниот зафат на овој центар, и оствари средба со директорот и раководството на институцијата, на која беа утврдени приоритетите за трансформација на институцијата на среден рок.

На средбата посочија дека ќе биде зајакнат капацитетот на институцијата за современа професионална рехабилитација на младите и лицата со интелектуална попреченост. Корисниците кои се сместени во заводот во наредните две години ќе бидат згрижени во групни домови со поддршка во заедницата.

Во изминатите неколку години, во Заводот функционира дневен центар што обезбедува стручна поддршка и дневно згрижување за триесетина деца, млади и возрасни со интелектуална попреченост.

Според Министерството, отворањето на вториот дневен центар ќе овозможи подобри просторни услови за стручна, индивидуална и групна, работа со корисниците, согласно нивната возраст и лични потреби.

-Министерството за труд и социјална политика продолжува посветено да работи на целосно спроведување на деинституционализацијата, што ќе води до поквалитетни социјални услуги во нашата држава согласно потребите на граѓаните, соопштија од Министерството.