“Вавилон Берлин“ е наслов на петтиот графички роман на издавачката куќа “Бункер“, во рамки на едицијата “Апсолутни почетници“.

Се работи за дело на авторот Арне Јиш според романот на Фолкер Кучер по кој е снимена истоимената телевизиска хит серија – најскапа од неанглиско говорно подрачје.

Дејството од приказната се случува во Берлин во 1929 година, време на политички превирања, улични борби, илегални ноќни клубови… Кога младиот и амбициозен инспектор Рат, на своја рака, започнува истрага на убиство, наидува на отпор од сите страни. Наскоро, тој ќе биде вовлечен во мрежа на измама, корупција и потрага по руско злато.

Арне Јиш не само што го адаптира култниот криминалистички роман на Кучер, туку и прецизно ги отсликува гламурот на модерниот велеград и општествените и политичките напнатости во Вајмарската република. Интересно е и да се напомене дека тој во делото гради сопствен заплет кој се разликува од оној во серијата.

Објавувањето на графичкиот роман Вавилон Берлин на македонски јазик го поддржаа Министерството за култура и Град Скопје.

Издавачот Бункер веќе 10 години ја поседува првата специјализирана книжарница за стрипови кај нас.