Ново признание за филмот „Дедо и внук“: Награда од Романската асоцијација на кинематографери

31

Македонско-романската копродукција „Дедо и внук” доби награда за најдобра фотографија на игран филм за 2020 година од Романската асоцијација на кинематографери, на 15-тата филмска манифестација „Гопо“. Наградата му е доделена на Патру Паунеску, директорот на фотографија на овој филм снимен по сценарио и режија на Илија Пиперкоски.

„И покрај тешкотиите со кои се соочија, некои од филмовите објавени минатата година имаа можност да бидат погледнати од романски гледачи, да учествуваат на врвни фестивали, номинации и да добијат важни награди. Наградите ‘Гопо’ се пандан на холивудскиот Оскар за најдобрите достигнувања, а конкуренцијата беше исклучително силна“, соопштија од продукцијата на филмот.

Паунеску изјави дека наградата е признание за сработеното на целиот тим од Македонија кој, како што рече, направи сензационална работа. „Луѓето можат да видат колку е убав градот во кој снимавме – Охрид. Ми беше чест и задоволство да работам на овој филм. Одлични услови и феноменлна екипа. Го сакам Охрид, ја сакам Македонија“, изјави наградениот директор на фотографија.

Ова е седма награда за „Дедо и внук“ на познати филмски фестивали низ светот, а неодамна беше прогласен за најдобар странски филм на престижниот Independent Film Awards во Лондон.

Филмот е приказна која е раскажана преку очите на човек што ги цени вредностите на неговиот дедо и се бори да живее според нив. Тоа е семејна емотивна драма, огледало на секојдневниот живот на едно македонско семејство. Улогите во филмот ги толкуваат Дејан Лилиќ, Салаетин Билал, Даниела Ивановска, Горан Стојановски, Благој Веселинов.