Сателитските снимки станаа ново информативно оружје, особено кога станува збор за националната безбедност. Помина времето кога само владите можеа да собираат напредни разузнавачки информации за нивните противници и кога армиите можеа да ги кријат информациите за случувањата на бојното поле од јавноста.

На веб-страницата на американскиот магазин Foreign Affairs е објавена долга статија за улогата на сателитите, особено на комерцијалните, во современите војни, а наведени се и неколку примери од последната војна во светот – украинската.

Авторите на статијата, Ерик Лан Гринберг, вонреден професор по политички науки на Технолошкиот институт во Масачусетс и Тео Милонопулос, постдокторски соработник на Универзитетот во Пенсилванија, велат дека комерцијалните сателитски снимки драстично го менуваат информациската пејзаж, особено националната безбедност.

Авторите додаваат дека граѓаните сега можат да користат комерцијални сателитски снимки за да откријат активности што некои влади би сакале да ги сокријат. Тие забележуваат дека јавноста го документирала проширувањето на нуклеарниот арсенал на Северна Кореја и ги открила кршењата на човековите права, како што е кинеското приведување на Ујгурите во концентрационите логори.

Во Украина има голем број актери, вклучително и приватни сателитски компании, тинк-тенкови, новинари и аматерски истражувачи, кои користат комерцијални сателитски снимки заедно со други форми на разузнавање со отворен код за откривање и потврдување информации за воени вежби, загуби на бојното поле и руско таргетирање на цивили.

Со обезбедување на информации кои претходно би останале главно тајни, комерцијалните сателитски снимки помогнаа во планирањето на воените операции, борбата против руските дезинформации и зајакнувањето на јавната поддршка за Украина.