Новото кабаре „Животот е…” на Поплавска во соработка со Вртев на сцената на НОБ

118

По успешните мјузикли „Чикаго”, „Мама миа” и „Боливуд” во кои македонската публика уживаше изминатите години, а по двегодишна пауза во која светот застана, режисерката Наташа Поплавска за публиката подготви музичко-сценска претстава во соработка со Ристо Вртев.

На сцената на Националната опера и балет, Поплавска, заедно со својата долгогодишна соработничка, кореографката Олга Панго овој пат поставуваат ново кабаре наречено „Животот е …” кое премиерно ќе се изведе на 30 декември, со почеток во 20 часот.

Во проектот се вклучени визулените уметници – видеодизјанерот Дејан Матиќ, светлодизајнерот Милчо Александров и костимографот Александар Ношпал, кои, како што вели режисерката, ќе ја создадат сценската магија заедно со балетските солисти од Националниот балет и познатата џез-артистка Марија Димитријевиќ.

„Низ животната приказна на кабаретската ѕвезда Сали Боулс преку случките од некогашниот Берлински Кит Кет кабаре клуб ја следиме трансформацијата на животот во денешната корпоративна и виртуелна стварност. Џез звуците на познатите Нат Кинг Кол и Џон Кандер преминуваат во електронските поп звуци на пионерите на електронската музика ‘Крафтверк’“, посочува Поплавска.

Во претставата играат: Иван Вртев, Андру Кук (к.г. Велика Британија), Дафина Данилоска – Кочевска, Маја Митровска – Богојевска, Биби Басмаџиева – Ковачевски, Анела Велевска, Ангела Богатинова, Сарина Стојановска, Михаела Перевска и Мартина Аврамовска. Претставата е во продукција на Здружението за развивање на уметност и културна соработка „Арт медиа“ во соработка со Националната Опера и Балет, а поддржано од Министерството за култура.

Репризната изведба на „Животот е …” е закажана за 19 февруари 2022 година.