НОВОГОДИШНО СО ПРВАТА ДАМА,  ЕЛИЗАБЕТА ЃОРГИЕВСКА: Уживам во празничните ритуали, сакам да подарувам

Првата дама за читателите на весникот ВЕЧЕР ги отвори вратите на претседателската резиденција и ја откри празничната атмосфера во нејзиниот нов дом, која се чувствуваше уште на самиот влез, накитен со новогодишно венче. “Јас ја сакам предновогодишната атмосфера, а дел од неа се и новогодишните аранжмани, зелената, црвената, златната боја, китењето елка...Но, скромно и едноставно, сето тоа да не биде премногу, вели Ѓоргиевска. За неа, празниците се ритуал и заради дарувањето, бидејќи ужива во одбирање подароци за своите најблиски

859

Елизабета АРСОСКА

ФОТО: Ѕвонко ПЛАВЕВСКИ

Новата година да ја започнеме одговорно, да празнуваме во кругот на најтесното семејство и строго да се придржуваме на протоколите за носење маски и држење растојание. Би сакала да ги замолам граѓаните да се воздржат од групирање, сите заедно да се стрпиме уште малку, да ги почитуваме мерките. Да не предизвикаме нов бран на пандемијата токму сега кога сме на чекор до вакцинација после која целиот свет очекува да се вратат нормалните услови за живот, работа и развој. Ова е новогодишната порака, која до сите граѓани jа испрати сопругата на македонскиот претседател Стево Пендаровски, Елизабета Ѓоргиевска.

Првата дама за читателите на весникот ВЕЧЕР ги отвори вратите на претседателската резиденција и ја откри празничната атмосфера во нејзиниот нов дом, која се чувствуваше уште на самиот влез, накитен со новогодишно венче. „Јас ја сакам предновогодишната атмосфера, а дел од неа се и новогодишните аранжмани, зелената, црвената, златната боја, китењето елка…Но, скромно и едноставно, сето тоа да не биде премногу, вели Ѓоргиевска. За неа, празниците се ритуал и заради дарувањето, бидејќи ужива во одбирање подароци за своите најблиски. Подарокот за синот Огнен се книги кои самиот ги избрал, а за нејзиниот сопруг…

 

 

„Уживам во предновогодишните ритуали. Некако овој период за мене е специфичен, бидејќи сите луѓе гледаат на позитивната, оптимистичната страна на животот, се прави рекапитулација на тоа што се случувало во годината и листа на надежи за следната. Она што мене посебно ми се допаѓа е традицијата на дарување. Не на примање подароци, туку на подарување. Сакам моите блиски да ги изненадам со нешто симболично, со пишана честитка, со мало но, вредно внимание. Огнен си обезбеди подарок, тој чита многу и секоја година бара одредени книги за новогодишен подарок“.

Елизабета Ѓоргиевска е дама во вистинска смисла на зборот. Таа е одмерена, едноставна, шармантна, позитивна и се чини дека токму таа енергија ја прави атмосферата во  претседателската резиденција топла и домаќинска. Со неа разговаравме на повеќе теми, за обврските кои ги има како сопруга на шефот на државата, за хуманитарните активности, за поддршката на женското претприемништво, за стилот на облекување…Вели: „Сакам да ме препознаваат по мојата работа, а не според облеката“. Го поддржува женското претприемништво и на официјални настани, радо носи креации на македонски дизајнери, особено при посета на странски држави, за да покаже дека и нашата модна сцена може да се носи со светската.

– Ги поддржувам, воопшто, сите жени претприемачи, бидејќи сакам да се слушне за менаџерките кои во нашето традиционално општество храбро започнале бизнис и успеваат да чекорат кон врвот. Мислам дека треба да им се даде поттик, поддршка. Јас отсекогаш сум ги поддржувала женските активности, но сега со моите посети во неколку градови, во Гостивар, Битола… имам можност да ги видам нивните преубави идеи во кои вложиле многу. Запознав моќни интелектуалки, бизнисменки, жени-менаџерки кои дошле од странство и тука го вложиле својот капитал и тоа навистина е достојно за почит, вели Ѓоргиевска.

На прашањето кои се нејзините модни цели, ако ги земеме примерите на Џеки Кенеди и Меланија Трамп како ултимативни икони за моден стил, македонската прва дама одговара: едноставност и минимализам, со еден збор децентност.

-Непријатно ми е кога ме споредуваат, особено ми е непријатно да зборувам за облека, за моден стил, затоа што го сметам тоа за непримерно, бидејќи во нашава држава има луѓе коишто не можат да преживеат од денес за утре. Јас никогаш не сум трошела многу на гардероба и никогаш не сум купувала дизајнерски парчиња, ниту пак можам да си го дозволам тоа затоа што и јас живеам од плата, а професорска, односно докторска плата знаеме сите колкава е. Искрено се надевам дека луѓето ме препознаваат по она што го работам. Јас толку години предавам на факултет, пациентите ме знаат повеќе од 20 години, студентите ме знаат, многу години сум работела на истражување, сакам да ме препознаваат по моите дела, по моите придонеси во општеството, одговара сопругата на претседателот и додава дека сите што ја познаваат, знаат дека најчесто е во панталони или фармерки, некоја блуза, балетанки…

 

Во претседателската резиденција на Водно, се малку повеќе од една година, бидејќи се преселија малку подоцна од инаугурацијата, но вели дека немало проблем  за адаптација. „Ние сме во суштина едноставни луѓе, а и претходно  сме живееле на повеќе места во светот. Поради природата на нашата работа, моите службени патувања, истражувања, сме живееле во Лондон, сме живееле во  Њујорк, во Антверпен…. Така што и оваа преселба ја сфаќаме како промена која што сме свесни дека ќе трае одреден период и потоа ќе си се вратиме во нашиот дом. Ова е нашиот привремен дом, место каде што сме се преселиле на одредено време“.

Огнен во мај наполни 18 години, тој е матурант годинава. „За него беше многу лош период, не заради преселбата, бидејќи во суштина е многу дисциплиниран и сега со онлајн наставата исклучително ретко излегува надвор. Нему му е важно да ги има компјутерот и книгите и повеќе комуникацијата му е онлајн со другарите.

Вели дека се обидува да ги менаџира професионалните обврски, работата со пациенти и студенти и обврските што ги има како прва дама. „Јас како сопруга на претседателот сакав да дадам некаков удел кон заедницата, кон луѓето кои што имаат потреба било каква помош. Решивме да ја отвориме и претседателската резиденција, па задоволството е многу големо кога доаѓаат на пример, дечиња од различни групи, со помалку можности, со попреченост. Се дружам и со жени „херои“, кои победиле во борбата со  малигни заболувања. Така што нашиот нов дом го направивме отворен простор. Идејата, беше да покажеме дека ова не е наша сопственост туку дека и ние сме тука како потстанари на неколку години. Оти важно е, луѓето да видат дека тоа не е нешто недостижно, туку едноставно е дел од општествената сопственост и припаѓа секому. Исто како и канцеларијата на претседателот на „Рекорд“, која е младинска канцеларија, а ја направивме центар за хуманитарни активности. Секој што има потреба ја добива на користење затоа што таа припаѓа на сите граѓани. Наша желба е да ја отвориме и резиденцијата во Охрид, да угостиме дечиња од различни ранливи категории, вели г-ѓа Ѓоргиевска.

Дека „нечие малку, за некого значи многу“, сфатила уште одамна и смета дека хуманоста е во секој од нас и секој на свој начин може да прави добра дела. И сега како сопруга на претседателот на различни начини, посветено помага на ранливи категории граѓани. „Многу луѓе имаат потреба од поддршка. Тие луѓе можеби имаат и

државна помош но, имаат и други потреби, на пример ортопедски помагала или некои други специфични потреби. Се трудам да ги посетам, да им обрнам внимание на сите, да им покажам дека не се заборавени“.

Обожувам да правам полнета мисирка

Таа сака да готви, но поради обврските нема многу време да поминува во кујната.

-Порано мајка ми доста ми помагаше, но оваа година, за жал, ја изгубив и неа така што сега, останаа рецептите кои ги научив од неа. Да, сакам да готвам, посебно кога ќе ни се најават гости. За Нова година и Божиќ на трпезата имаме традиционални јадења, а сите години наназад, особено внимание посветуваме на именденот на Стево, свети Стефан, кој се паѓа на третиот ден од Божик, на 9 јануари. Тогаш, освен стандардните јадења, честопати правам и полнета мисирка, медени колачиња … Годинава, не очекувам гости, така што дружбите ќе ги одложиме за следната година, открива нашата домаќинка.