Повеќето луѓе живеат во безгрижно убедување дека новогодишната прослава, но и другите празници во овој период се христијански обичаи. Но дали практиката на “испраќање на старата и пречекот на новата година” навистина се заснова на Библијата? Дали први јануари навистина претставува вистински почеток на новата година? Кој има авторитет да го одреди почетокот на новата година?

Доколку се прочепка неколку векови наназад ќе се види дека и оваа прослава, но практично и сите празници во јануари се продолжување на древните пагански обичаи.

Прославата на Новата година е една од најстарите и најуниверзални пагански традиции! Овој обичај практично не се менува речиси 4.000 години.

“Одвај дека постои народ во минатото време и сега, домородски или цивилизиран, кој не ја прославува Новата година, во овој или во оној вид”, пишува Теодор Гастер во својата книга “Нова година”. “Не постои празник што се прославува со толку различни датуми, ниту со толку многу разновидни обичаи”.

Исто како што прастарите народи некогаш ја славеле Новата година, и денес, само со многу повеќе раскош и сјај, се обележува преминот од Старата во Новата година. Старите Египќани Новата година ја славеле на 12 јуни, кога ќе засветела ѕвездата Сириус, најсјајната над нивниот дел од небото.

Римјаните ја славеле два пати – во март и во декември, како и Старите Грци – во март и во јули. Вакво првојануарско обележување започнало во 46 година пред нашата ера, односно по реформите на Јулие Цезар. А новите години, каде и да се прославуваат, секогаш се свечени и главно се обележуваат со симболите на светлината и звукот.

Така, во Јапонија ѕвонењето од 198 ѕвона, кое го пренесува радиото, ја обележува полноќта кога се оди на кратка починка, за потоа да се стане пред зори и да се излезе на улица, за со игра и песна да се пречека изгрејсонцето. На првиот новогодишен ден, со вообичаените честитки, Јапонците ги пуштаат змејовите од хартија, со кои, велат, се повикува среќата.

Финските девојки во новогодишната ноќ ги фрлаат влечките или чевлите преку глава, па на таа чии  врвови на чевлите ќе удрат од вратата, во новата година и следува венчавка.

Индиската Нова година, која паѓа кон крајот на октомври и во почетокот на ноември, е вистински празник на светлината. Тогаш со светлината од лампионите, ламбите, светилките и разни други светкави предмети се кити сѐ што може да се закити, бидејќи легендата вели дека некогаш на тој ден, од прогонство се вратил во Индија најголемиот од сите кралеви, кралот Рама, со сопругата Сита и дека тогаш тој го извел светот од темнината, па затоа ова е празник на светлината.

Вратите на англиските домови им се отворени на сите, а гостинот задолжително мора да донесе парче јаглен и да го фрли во оган, за, симболично да гори што повеќе.

Новогодишната трпеза во Унгарија не може да се замисли без печено прасенце, но она што последниве години е посебно во мода, а директно во врска со унгарските слаткарници, тоа е – прасе од чоколада.

И Французите на овој ден се посебно гостољубиви, а круна на таа гостопримливост е речиси спектакуларниот натпревар во подготовка на готварски специјалитети.

За Монголците Нова година е празник кога, по ритуалното прочистување, сите се весели, секако со богата трпеза и кумис (млеко од кобила) во сребрени чаши. Кај Тибетанците прославата трае неколку дена и исто така е подредно на симболично прочистување, а како врвна точка  е палењето на нечистотиите на клада.

Во Бразил, а се чини малкумина се оние кои не сонуваат новогодишната ноќ да ја поминат таму, се слави во ритамот на самбата и со познатата традиционална новогодишна трка “Сао Силвестре”.

Ескимите, за разлика од останатиот свет, пред полноќ ги гасат светилките и повторно ги палат кога ќе отчука полноќ.

Посебно е интересен пречекот на Новата година на Тајланд. Кога по жестокото брзање по определени места ќе замолчат моторите од превозните средства, целата земја се смирува и се собира пред ТВ- екраните, очекувајќи, како што налага традицијата, жената на кралот да го објави доаѓањето на Новата година. По овој момент, новогодишната февруарска ноќ на Тајланд се претвора во ноќ на игра, песна и веселба.