Новогодишна честитка до граѓаните од Гувернерката на Народната банка

40

Сите ние влегуваме во 2022 година носејќи го товарот што ни го наметна пандемијата на ковид-19, но верувам и со поголемо искуство, доблест и потврда дека и при најголемите предизвици, умееме да носиме правилни одлуки.

Во овие моменти, не може да не им оддадеме почит на здравствените работници и на науката, коишто ни овозможија да излеземе од „затворениот свет“ и полека да почнеме да се враќаме кон моделот на работа и живеење коишто наликуваат на претпандемичната нормалност. Светот докажа дека може да им одговори на крупните предизвици коишто го изменија нашето секојдневие. Човештвото покажа дека ако работи заедно, посветено и сплотено, може да најде решенија. 

Но, пред нас и натаму стојат мноштво предизвици. Пандемијата за жал не стивнува, новите соеви на ковид-19 и натаму се појавуваат и се најголемиот причинител за неизвесноста во годината што следува. И на полето на економијата има низа предизвици видливи преку промените во глобалните синџири на снабдување на речиси сите производи, структурни приспособувања во глобалниот енергетски сектор, промени коишто ги чувствуваме во нашето секојдневие. Ние, како носители на политиките, ќе останеме доследни, и натаму ќе управуваме со предизвиците и ќе ги исполнуваме нашите цели, коишто се јавно добро. Народната банка, со целиот свој институционален капацитет, ќе продолжи со работа на одржувањето на стабилноста, што е предуслов за попредвидлив амбиент за носење одлуки.

Ви посакувам мирни и весели празнични денови и добро здравје, среќна и успешна Нова година!

Гувернер

Анита Ангеловска-Бежоска