Нови три театарски проекти утре на МОТ: Од општ башмиегајлизам преку машката ранливост до волшебната кула

190

На шестиот ден од 44. театарски фестивал Млад отворен театар (18 септември),  љубителите на театарот ќе имаат можност да проследат три театарски проекти.

Железничката зграда ќе биде домаќин на претставата „Сè е во парите“ (од 18 часот) во режија на Борис Бакал, која се занимава со односите меѓу општествените и материјалните вредности од една и парите од друга страна. „Концептот на проектот е базиран на банкарско-финансиската ‘револуција’ на светскиот пазар. Поле на истражување на претставата се земји како Хрватска, Италија, Словенија. Во текот на истражувачкиот процес континуирано се собираат сведоштва за лични искуства со пари, за пари од инвестиции, стекнување, збогатување, осиромашување, лоша финансиска среќа, до одрекување од финансиски добра и финансиски или општ башмиегајлизам“, стои во најавата на МКЦ.

Истиот ден, од 20 часот, на малата сцена на НОБ, следува романската „Момчињата на Медеја“ во продукција на „Apollo 111 Theatre“. „′Момчињата на Медеја′ го илустрира режисерското прекршување на легендата на Аргонаутите и Златното руно. Оваа претстава отвора дискусија за машката ранливост, мачоизмот, патријархатот и мизогонизмот, користејќи средства на иронија и хумор. Сцената (прикажана како морнарски бар) е населена само со машки ликови… кои се среќаваат за да го прослават своето големо животно искуство – митското патување на бродот Арго“, се посочува за претставата.

Вечерта (22,30 часот) ќе заврши во МКЦ со „Арапска ноќ“ – драмски текст на Роланд Шимелфениг, во режија на нашата Зоја Бузалковска, во продукција на театарот Војдан Чернодрински и со музика на „Фолтин“ кои ќе бидат дел од претставата. „Дејството се случува во еден европски град, на седмиот кат од една станбена зграда, во една летна ноќ, кога веќе востановената практика на функционирање на животите секоја вечер, ненадејно се прекинува. Со текот на времето, зградата се претвора во „волшебна кула“ и станува „извор на магичен реализам“. Елементите на трилер ја градат неизвесноста, а приказната, која почнува така што се чини дека секој од ликовите дејствува сам за себе, полека ги пополнува испрекинатите линии и добива на тензичност и густина“, додаваат од МКЦ.