Советот на ЕУ во вторник ја усвои препораката за „координиран пристап“ за да се овозможи безбедно движење за време на пандемијата на коронавирусот. Се препорачува да се применат мерки против коронавирусот земајќи го предвид индивидуалниот статус, наместо ситуацијата на регионално ниво, со исклучок на областите каде што вирусот циркулира на многу високи нивоа.

Што значи тоа за граѓаните?

Клучна одредница на патувањето е дигиталниот ковид сертификат на ЕУ, кој вклучува доказ за вакцинација, тестирање или статус на прележан ковид.

„Ова значи дека вакцинацијата, тестирањето или статусот на закрепнување од ковид, како што е потврдено со валиден дигитален сертификат на ЕУ, треба да биде клучна одредница. Пристапот заснован на личноста значително ќе ги поедностави правилата и ќе им обезбеди дополнителна јасност и предвидливост на патниците“, се вели во соопштението на Советот.

Ова значи дека патувањето за граѓаните на Македонија во наредниот период веројатно ќе биде олеснето, иако останува на државите на ЕУ да одлучат за конкретна примена на препораката на Советот на ЕУ.

Со оглед дека фокусот сега е на индивидуален пристап, македонските граѓани кои имаат валиден дигитален сертификат ќе имаат помалку ограничувања за патување, но и појасни правила во која земја можат да влезат и според кои правила.

Дигитален сертификат признат од ЕУ подразбира сертификат за вакцинација одобрен на европско ниво ако поминале најмалку 14 дена и не повеќе од 270 дена од последната доза или ако лицето примило засилена доза, негативен ПЦР тест добиен не повеќе од 72 часа пред патување или негативен брз антигенски тест добиен не повеќе од 24 часа пред патувањето, но и потврда за прележан Ковид која покажува дека не поминале повеќе од 180 дена од датумот на првиот позитивен тест.

Новина што менува сè

„Земјите-членки, исто така, би можеле да прифатат сертификати за вакцинација за вакцини одобрени од националните власти или СЗО“, се вели во препораките на Советот.

Оваа новина може да биде олеснителна околност за граѓаните на Македонија кои примиле дел од вакцините кои се уште не се одобрени во ЕУ, доколку така одлучат земјите-членки. Европската агенција за лекови (ЕМА) засега ги признава вакцините Фајзер, Новавакс, Џонсон и Џонсон, Модерна и АстраЗенека, додека на разгледување се Спутник В, Веросел, Синовак и Валнева.

Сепак, некои земји од ЕУ претходно одлучија да усвојат сопствени правила за влез, па некои вакцини кои ЕУ сè уште не ги признала, се легитимен начин за влез во Франција, Холандија, Унгарија, Австрија и Словенија.

Исто така, во Франција можно е да се влезе со две дози од вакцината Синофарм, доколку сте го избрале Фајзер како бустер доза.

Што се однесува до Холандија, тамошните власти одлучија да ја признаат вакцинацијата со вакцината Синофарм, како и Австрија и Словенија. Дополнително, Словенија и Унгарија дозволуваат влез на странци кои ја примиле вакцината Спутник В, која е на списокот за одобрување на ЕУ.

Од лицата кои немаат дигитален ЕУ-ковид сертификат може да се бара да го направат тестот пред или најдоцна 24 часа по пристигнувањето. Децата под 12-годишна возраст, како и патниците со суштинска причина за патување, се изземени од ова правило.