„Нови правила“ е наслов на изложбата на косовската авторка Заке Прелвукај која ќе биде достапна за љубителите на ликовната уметност од денеска до 31 мај во Националната галерија на Република Северна Македонија – објект Чифте амам.

Официјалното отворање е закажано за 25 мај во 14 часот, во Чифте амам, со изведба на перформанс. По отворањето на изложбата, во 15 часот ќе се реализира и разговор со уметницата.

Изложбата содржи дваесетина дела изработени со разновидни медиуми, кои обработуваат различни аспекти на денешното општество и на амбиентот од каде што доаѓа, како и горливи социополитички услови на егзистирање и создавање. Куратор на изложбата е Ана Франговска, виш кустос во Галеријата.