Нови откритија: Тутанкамон е закопан во туѓа гробница?!

316

Египтолозите веруваат дека постои можност славното момче-фараон Тутанкамон, да е погребано во гробница, која првично не била наменета за него. До овој заклучок, британските експерти дојдоа откако ги анализираа бројките и предметите од гробницата која има женски контури.

Британскиот археолог Николас Ривс верува дека многу украсни предмети од гробот на Тутанкамон првично биле направени за сопругата на фараонот Аменхотеп Четврти, Нефертити. Тој исто така верува дека кога била откриена гробницата, огромното количество злато кое било пронајдено толку ги заслепило археолозите што не размислувале за можноста каде всушност е закопано момчето-фараон.

Гробницата, стара околу 3.000 години заедно со голема количина на златни предмети, украси, статуи …, ја открил археологот Хауард Картер во 1922.

Новата теорија дури оди подалеку и претпоставува дека гробот на Тутанкамон е само дел од гробот на Нефертити, кој се наоѓа во близина на местото каде е погребано момчето фараон. Ривс тврди дека златната маска на Тутанкамон првично била направена за Нефертити заради нејзините женски карактеристики.

Иако се спроведени истражувања и египетските власти тврдат дека во гробот на Тутанкамон нема скриени комори, како што е потврдено од некои студии на италијански истражувачи, Ривс и некои негови колеги сметаат дека се потребни дополнителни скенирања и истражувања за да се добијат точни информации.