Нови информациски системи за управување со јавните финансии во вредност од 24,9 милиони евра

35

Преку проект во вредност од 24,9 милиони евра ќе се воспостават три нови информациски системи со кои ќе се подобри ефикасноста, транспарентноста и одржливоста на јавните расходи и ќе се зголеми ефективноста на администрирањето на приходите.

Дваесет милиони евра се заем од Светската банка, а 4,9 милиони евра се грант од ЕУ што ќе се администрира преку СБ. Договорите за спроведување на проектот ги потпишаа денеска министерот за финансии Фатмир Бесими и директорот на Канцеларијата на Светската банка во земјава, Масимилијано Паолучи, во присуство на евроамбасадорот Дејвид Гир и директорката на Управата за јавни приходи Сања Лукаревска.

Во Министерството за финансии ќе функционира нов Интегриран информациски систем за управување со финансии (ИФМИС), во Кабинетот на вицепремиерот  за економски прашања и координација на економските ресори ќе има Информациски систем за управување со државна помош (СИМИС), а Управата за јавни приходи добива нов Информациски систем за управување со даночните приходи (ИТИС). Ќе се овозможи премин од постојните фрагментирани и  неповрзани системи на нова централизирана веб-базирана заедничка платформа како резултат на најновите дигитални технологии.

За поддршка на реформите за управување со јавните расходи ќе се одвојат 14,69 милиони евра, за зајакнување на практиките за даночно управување и системи во Управата за јавни приходи 8,135 милиони евра, а 2,025 милиони евра за управување со промени, координација на донатори и управување со проекти.

– Воспоставувањето на овие системи претставуваат дел од заложбите на Владата за имплементација на напредни технологии и воедно се предуслов за воспоставување современ и модерен начин на управување со јавните финансии. Со нив ќе се подобри ефикасноста и транспарентноста во управувањето со јавните финансии, а тоа ќе се постигне преку поврзување на постоечките фрагментирани и неповрзани системи на една централизирана дигитална платформа, рече  министерот Бесими.

Тој истакна дека подобрувањето на управувањето со јавните финансии и зајакнувањето на среднорочното буџетско планирање се едни од најважните приоритети на Министерството за финансии и Владата. Воспоставувањето на ИФМИС системот во Министерството за финансии, е дел од поголемата реформа што се спроведува во изминатиот период во управувањето со јавните финансии, согласно со новиот Закон за буџети.

Како што информира Лукаровска, со новиот  Интегриран даночен информациски систем  на УЈП ќе се подобри оперативната ефикасност на функциите на даночната администрација, ќе се  зајакнат аналитичките капацитети  и мониторингот на усогласеноста  и ќе се подобрат услугите за даночните обврзници.

– Целосната дигитализација на услугите кон даночните обврзници ќе овозможи  компаниите да заштедат на време и на трошоци, а ќе доведе и до зголемување на наплатата на даноците, како и до намалување на неформалната економија, што им помага на формалните бизниси да ги зголемат своите приходи преку слободна, ефективна и фер конкуренција, рече Лукаровска.

Со средствата што ќе ги добие Управата за јавни приходи ќе има современа база за податоци, центар за закрепнување по несреќи и модерна структура на управување со информации, ќе спроведува иновативни пристапи за усогласување со даноците и ќе ја подобрува ефективноста на управувањето со приходите.

Лукаровска очекува во наредниот период голем дел од работните процеси целосно да се модернизираат и дигитализираат. Даночните обврзници заслужуваат да добиваат високопрофесионални и целосно автоматизирани процеси кои штедат и на време, но и на ресурси и кај стопанството и кај институциите, рече директорката на УЈП.

Според директорот на Канцеларијата на Светска банка во земјава, Масимилијано Паолучи, проектот е многу важен и ќе овозможи примена на една од најважните цели на Стратегијата на СБ за државава за зајакнувањето на управувањето со јавните финансии и фискалното управување – да се намали ризикот за фискалното управување и да се подобри отпорноста од потреси.

– Ќе поддржиме создавање на регистар за државна помош и зголемување на капацитетите на даночната управа, а откако ќе се донесе Законот за јавно приватно партнерство ќе го вклучиме и развојот на регистар на јавно приватно партнерство. Не се работи само за  проект за ИТ, туку за градење капацитети за управување со промени, подобрување на отчетноста, транспретнсота, подобрување на Стратегијата за комуникации како и меѓуинституционална соработка ширум целата Влада, рече Паолучи.

Евроамбасадорот Гир ја потенцираше важноста на соработката на институциите во реформата за управувањето со јавните финансии како клучна во реформите на патот кон ЕУ.

– Ќе се зголеми јавната транспарентност, ќе се намали ризикот од измами, наведе Гир, посочувајќи и на придобивките од целосната дигитализација на администрацијата.

Како што најави Бесими, во рамки на Министерството за финансии ќе биде воспоставена проектна единица која ќе биде надлежна за следење и мониторинг на целиот проект за примената на сите три системи.