Нови интересни филмски приказни во март: “… Петрунија“ ќе го фати крстот во Скопје кон средината на месецов

141

Покрај вообичаената странска филмска понуда, во градските кина најинтересно за домашната публика ќе биде остварувањето “Господ постои, името и е Петрунија“ на Теона Стругар-Митевска, филм со кој нашата земја за првпат во историјата на македонската кинематографија учествуваше во главната програма на “Берлинскиот филмски фестивал“ што се одржа минатиот месец

Март брзо и ветровито пристигна во нашиот град, а тука се и филмските приказни кои ќе го означат овој месец, а кои македонската публика ќе може да ги види во градските кина. Покрај вообичаената странска понуда, најинтересно за домашната публика ќе биде остварувањето “Господ постои, името и е Петрунија“ на Теона Стругар-Митевска, филм со кој нашата земја првпат во историјата на македонската кинематографија учествува во главната програма на “Берлинскиот филмски фестивал“ што се одржа минатиот месец.

Овој месец стартува со американската авантура “Капетан Марвел“ во режија на Ен Боден и Рајан Флекна. Во него Керол Данверс станува еден од најмоќните херои на универзумот кога Земјата е вклучена во средината на галактичка војна помеѓу два вида вонземјани. “Капетан Марвел# од студиото на Марвел е сосема нова авантура, а Денверс и мала група нејзини сојузници ќе се најдат во средиштето на конфликтот. Во филмот играат Бри Ларсон, Семјуел Л. Џексон, Бен Менделсон.

Македонскиот филм за штипската хероина, која скока по крстот за Водици “… Петрунија“, публиката ќе може да го погледне веќе од средината на март. Главната улога ја игра Зорица Нушева, а во останатите настапуваат: Симеон Мони Дамевски, Суад Беговски, Стефан Вујисиќ, Џевдет Јасари, Виолета Шапковска, Андријана Колевска, Петар Мирчевски, Бајруш Мјаку, Илија Волчевски, Никола Кумев, Лабина Митевска, Игор Тодоров, Ненад Ангелкович, Владимир Тулиев. Во филмот, покрај стотиците мажи, Петрунија неочекувано се фрла во водата од каприц и успева да го фати крстот пред другите. Нејзините конкуренти се бесни – бидејќи жена се осмелува да учествува во нивниот ритуал. Настанува општ хаос, но Петрунија опстојува на своето…

Филм со Кијану Ривс како невролог

На средината на месецот доаѓа и научнофантастичниот “Реплики“, во режија Џефри Нахманоф со Кијану Ривс во главната улога. Во него познатиот невролог Вилијам Фостер, чија сопруга и трите деца загинуваат во сообраќајна несреќа, целосно очаен, со помош на неговиот најдобар пријател и колега научник Ед Витл, одлучуваат да се впуштат во ризичен експеримент – да ги реплицираат нивните тела. Ништо не ги спречува да го сторат тоа, дури и ако мора да одат против целата владина лабораторија, полицијата и законите на физиката…

“Детето кое ќе стане крал“ во режија на Џо Корниш е научнофантастичната авантура која, исто така, публиката ќе може да ја види на средината на овој месец. Во него Алекс мисли дека е никој и ништо, се додека случајно во камен не го пронајде митскиот меч Екскалибур. Тогаш тој ќе мора да ги обедини своите пријатели и непријатели и заедно со легендарниот Мерлин да ја победат волшебничката Моргана. Кога иднината е на конец, Алекс ќе прерасне во голем водач, ќе прерасне во нешто што не можел ни да сонува… Улогите ги толкуваат: Луис Ашборн Серкис, Ребека Фергусон, Том Тејлор, Патрик Стујард.

Филм од студиото на “Дизни“ и импресивен научнофантастичен трилер

Од студиото Дизни и од познатиот визионер, режисерот Тим Бартон, доаѓа и новата, холивудска играна авантура – “Дамбо“. Во него, сопственикот на циркусот ја ангажира поранешната звезда Холт Фариер и неговите деца да се грижат за новороденото слонче, чии огромни уши го прават предмет на исмејување во циркусот што веќе се бори за опстанок. Но, кога тие ќе откријат дека Дамбо може да лета, циркусот се враќа на големи врати и го привлекува големиот убедлив претприемач Вендевер… Улогите ги толкуваат Ева Грин, Колин Фарел, Дени де Вито…


Како за крај на месецот во градските кина пристигнува американскиот “Во заробеништво“, интензивниот и визуелно импресивниот научнофантастичен трилер. Во режија на Руперт Вајат, дејството во филмот се одвива во едно маало во Чикаго, а Земјата е окупирана од странски освојувачи речиси 10 години. Криминалот повеќе не постои, невработеноста е на историски најниско ниво, а сиромаштијата е искорнета. Но, во овој навидум совршен свет има една темна и лоша страна – човештвото е под наметната контрола и повеќето луѓе се предаваат на нивната судбина. Затоа мала група бунтовници формира отпор во Чикаго и се решени да се одбранат од напаѓачите. Во немилосрдниот лов на заговорниците, само една страна може да преживее… Улогите ги толкуваат Аштон Сандерс, Џон Гудман, Вера Фермига, Кевин Дун.