Нови анти-ковид мерки од денеска во Косово – карантин и полициски час во некои општини

49

Во Косово од денеска во 18 часот стапуваат во сила новите мерки за заштита од ширењето на епидемијата на Ковид-19, меѓу кои е карантинот и полицискиот час во општините со најголем процент на заразенијави дописникот на МИА од Приштина.

Според мерките кои вчера ги усвои Владата на Авдулах Хоти, зависно од тоа во која од трите ризични зони се наоѓаат општините, се регулира карантинот и работното време на економските субјекти и угостителските објекти.

Во Приштина и шест други општини од зоната со висок ризик (Подујево, Јужна Митровица, Пеќ, Ѓаковица, Гњилане и Урошевац), односно со над 150 заразени на 100 илјади жители, се воведува и полициски час, односно забрана за движење на граѓаните од 19 до 5 часот.

Во истиот временски период во овие општини се забранува влегувањето и излегувањето од нив на граѓани и возила, освен за здравствениот, безбедносниот и правниот персонал и за студентите, како и за граѓаните со итни потреби и операторите кои изведуваат јавни работи. Целосната забрана за работа во истиот период се однесува и на угостителските објекти.

Забрана за влез и излез и полициски час нема да има во општините од зоните со среден (76 до 150 заболени на 100 жители) и низок ризик, односно со помалку од 75 заболени на 100 илјади жители.

Во овие општини угостителските објекти ќе можат да работат од 5 до 18, односно од 5 до 20 часот (најмалку ризичните), со тоа што по затворањето им се дозволува да работат со „тејк авеј“ и со достава на нарачки.

Министерството за здравство и Институтот за јавно здравство на Косово секоја недела ги објавуваат бројките на заразени според општини и вршат нивна категоризација според нивото на ризичност.

Со вчерашната одлука на Владата, на територијата на целата држава се воведува забрана за собирање на граѓаните во групи од повеќе од пет лица на плоштади, во паркови и на јавни места, забрана на јавни собири, вклучително семинари, работилници, свадби и семејни веселби и верски церемонии (освен во кругот на тесното семејство), како и забрана за работа на сите сточни и авто-пазари.

На локалните здравствени центри им се наложува, во соработка со полицијата да ја зајакнат контролата на патниците, пред се со мерење на температурата, на граничните премини, вклучително на меѓунаордниот аеродром во Приштина и на преминот Генерал Јанковиќ (Блаце) на границата со Република Северна Македонија.

Негативен РТ-ПЦР тест за Ковид-19, не постар од 72 часа, е задолжителен за граѓаните од земјите со висок ризик, меѓу кои не спаѓаат земјите од регионот. Од обврската за приложување на тестот се ослободени патниците од тие земји кои ќе ја напуштат земјата низ еден од граничните премини во рок од три часа од влезот во неа.

Оваа одлука ќе биде преразгледана по две недели, „зависно од епидемиолошката ситуација“, соопшти Владата во Приштина.

Во Косово последните недели се забележува видно зголемување на бројот на заразени од коронавирусот.

Според последниот извештај на ИКШПК, вчера се извршени рекордни 2.178 тестирања, од кои како носители на вирусот резултирале 767 лица. Во истиот период се регистрирани осум нови смртни случаи на заболени, со што бројката на жртви на епидемијата достигна до 784.

Од појавата на епидемијата вирусот е откриен кај 26.888 од вкупно 113.738 испитаници, а болеста ја совладале 16.685 лица, од кои како излекувани вчера се евидентирани 186 пациенти.

Активни заболени во Косово, според последните официјални информации, се 9.418 лица.