Новите домашните платежни картички ќе се трошат од средината на ноември

3976

Списоците на корисниците на платежните картички за купување домашни производи, кои се дел и од четвртиот пакет мерки, ќе се објават кон средината на октомври, а за пет до осум недели, односно до средината на ноември банките ќе ги поделат. Овие картички ќе може да се трошат до крајот на годината, вели премиерот Зорен Заев

-Со картичките за граѓаните може да се купуваат домашни производи и компјутери и технолошки уреди, појасни тој.

Картичките ќе бидат со вредност од 6.000 денари и ќе ги добијат 283.000 граѓани и тоа самохрани родители, пензионери со пензии до 15.000 денари, невработени кои се пасивни баратели на работа, самостојни уметници, филмски, културни работници и естрадни уметници, студенти, кои во претходниот пакет не ги добија овие картички, за што навремено реагираа.

Вредноста на оваа мерка е 27,6 милиони евра.

Според пресметките на Владата со претходниот пакет мерки 26,8 милиони евра завршија кај 309.000 граѓани кои добија платежни картички преку мерката „купувам домашно“ чија цел е истовремено да го поддржи домашното производство и да ја зајакне куповната моќ на граѓаните.

Од нив 16,5 милиони евра беа наменети за 113.000 невработени граѓани и за приматели на социјална помош, 5,4 милиони евра за 111.000 вработени граѓани со ниски примања, над 4 милиони евра за 81.000 млади граѓани, како и преку 900.000 евра за 4.000 здравствени работници.

Исто така, за поддршка на најпогодениот сектор, туризам и угостителство и за поддршка на граѓаните да искористат летен годишен одмор, преку мерката „Дома си е дома“, доделени се ваучери за туризам на 117.000 граѓани во висина од 12 милиони евра, како директна помош. Ваучерите ќе се користат до крајот на годинава.