Новиот сој „Омикрон“ ја урна цената на нафтата

541

Цените на нафтата денеска паднаа за повеќе од 5 отсто, на најниско ниво во последните два месеци, бидејќи новата варијанта на вирусот Ковид-19 внесе страв и загриженост кај инвеститорите дека може да има значителен вишок на понуда во првиот квартал од 2022 година.

Цените на нафтата потонаа заедно со светските берзи поради нервозата дека новиот вид на вирус може да го забави економскиот раст и побарувачката за гориво. Велика Британија и другите европски земји го ограничија патувањето од земјите во јужна Африка, каде што е откриена нова мутација на ковид.

Северноморската сурова нафта „Брент“ падна за 4,28 долари или 5,2 отсто, и се продава по 77,94 долари за барел, објави Ројтерс.

Американската сурова нафта WTI падна за 4,31 долар, или 5,5 отсто, и цената сега изнесува 74,08 долари за барел.

Двата вида нафта се на пат да ја завршат петтата последователна недела со загуба.