Откако македонската селекција пристигна во Талин, го одработе и првиот тренинг во пресрет на квалификацискиот „балон“ за пласман на Европското првенство, каде нашиот национален тим ќе ги одмери силите со Италија (28 ноември) и домаќинот Естонија (1 декември).

Селекторот Александар Тодоров има дванаесет кошаркари на располагање, а еден од нив е новиот натурализиран Македонец – Џејкоб Вајли кој првиот тренинг со Македонија го одржа во спортската сала „Саку Сурхал“.

  • Го одржавме првиот тренинг и имав прилика да се запознаам подобро со тренерите и со соиграчите. Тимот е составен од искусни репрезентативци, но и од млади талентирани играчи желни за докажување што ми се допаѓа. Ова е борбен тим, тоа е очигледно. Верувам дека тренерот ќе не постави за да постигнеме успех, истакна Вајли, по првиот заеднички одработен тренинг со новите репрезентативни соиграчи.

Тој додаде дека физичката подготвеност ќе биде еден од клучните фактори за успех на турнирот во Талин.

  • Верувам дека физичката состојба во тимот е добра, но и дека ќе се подобри во наредните денови. Имаме две многу тешки натпревари против екипи со многу талент, затоа верувам дека нашиот напор и тимска работа ќе бидат клучот во натпреварувањето на овие мечеви со Италија и со Естонија, додава крилниот играч во нашата сениорска селекција.

Инаку, Македонија ги загуби првите два меча од квалификациите за ЕП 2022, прво дома од Естонија со негатива од девет поени разлика (62:71), поради што пред нашите репрезентативци е да го победат домаќинот на турнирот со најмалку двоцифрена разлика, бидејќи само така ќе останат во игра за едно од местата кои водат на континенталниот собир.