Дописникот од Струмица на телевизија Сител и весникот ВЕЧЕР, Зоран Ѓорѓиев е победник на вториот повик за новинари и медиуми за истражување и промовирање најдобри примери од примена на зелена економија или еколошки безбедни рурални деловни практики.

Натпреварот е организиран во рамки на проектот „Вмрежување и застапување за зелена економија“, финансиран од Европската Унија.

Во сторијата објавена на ТВ Сител, Ѓорѓиев пишува за создавање органско ѓубриво од растителен отпад на Цветанчо Ѓоргиев од Ново Село. Струмичанецот Ѓоргиев наместо да го фрла отпадот, го собира и создава компост во својата семејна фирма. Како суровини, Ѓоргиев користи класно цветни растенија, како што се трската и шамакот, со што оневозможува несовесни граѓани да ги палат и дополнително да го загадуваат амбиенталниот воздух.

– Новинарски стории беа оценувани од тричлена комисија, составена од двајца новинари и претставник на Мрежата за рурален развој на Северна Македонија. Комисијата ја оценуваше методологијата на истражување, односно концептот, темата, изворите и новинарските алатки, потоа стилот на новинарско изразување, релевантност на темата, како и придржувањето до новинарските и етичките стандарди, пишува во соопштението.

Победничката сторија е достапна на следниот линк.

Проектот „Вмрежување и застапување за зелена економија“ започна во 2018 година и се спроведува од седум партнерски организации од Балканот. Главна цел на проектот е да се обезбеди поддршка и подобрување на политиките и влијанието на Балканската мрежа за рурален развој и нејзините членови во процесот на носење одлуки преку вклучување во процесите на реформи на земјоделските и руралните програми со цел воведување на концептот на зелена економија.