Нова форма на уметност: Вака изгледа првиот балет создаден од вештачка интелигенција/ВИДЕО

211

Првиот балет создаден со вештачка интелигенција во светот, кој користи вештачка интелигенција како инспирација за сите делови од композицијата – од кореографија, до партитура, до костимите, премиерно беше прикажан на 28 мај во операта во Лајпциг. Делото Fusion во режија на уметникот и музичар Хари Џеф ќе се игра до 8 јули, пренесува Originalmagazine.

Покрај режијата, Хари Џеф ја напиша и композицијата, во соработка со Гади Сасун и Теди Рајли. Кореографијата со помош на вештачка интелигенција ја направи Марио Шродер, додека костимите и сценографијата ги потпиша Пол Цолер.

Ballet Fusion е приказна за патување кон хармонија, водено од концептот на Платон дека секоја душа е поделена на три различни дела – логичен, духовен и апетитивен.

Вештачката интелигенција беше искористена за да се користи гласот на Џеф како катализатор за изведби комплетирани со генеративни синтетички гласови. Според Interesting Engineering, Џеф поминал повеќе од 1000 часа на обука за да го совлада својот машински глас.

„Мојот глас сега е засилен, можам да достигнам брзини и длабочини кои мислев дека се невозможни“, изјави Џеф.

Уметниците кои настапуваат во овој перформанс и претходно учествувале во нови, радикални идеи и изведби, што ги прави идеални за ваков проект, но се поставува прашањето како публиката ќе реагира на новата форма на уметност.

Ќе прифатиме ли изведби базирани на вештачка интелигенција или некои ќе го гледаат како напад на она што до вчера беше чисто човечки феномен? Со оглед на тоа дека вештачката интелигенција полека навлегува во сите сфери, прашање на време беше кога технологијата ќе ги заземе и изведувачките уметности.