НОВА МОДА НА МИНУС 10 НА “РОМСКИОТ БАЛ” ВО СКОПЈЕ: Голи машки зглобови!

128

Ех, таа пуста мода, “попуста” да не може да биде. Дури и кога е надвор минус десет, тоа не е причина да не се “тера” мода по секоја цена, макар и бубрезите и мочниот меур да ви страдаат, но модерен мора да се биде, манекен да се стане! Токму таква мода “на голи зглобови” екипата на “Вечер” ја забележа во сета својата раскош, пред некоја вечер во хотелот “Александар Палас” на гала-Ромскиот бал.

Ај, што го гледаме тоа кај жените, на тоа веќе навикнавме, но…. Секој втор маж стокмен во вечерен костум, на нозете со мокасини на голо стапало и на куси панталони според законите на модата ги откриваше своите зглобови. Навистина каква е таа мода на тој студ да носиш чевли без соодветни чорапи кои пак би се вклопиле со бојата на костумот. Барем така досега беше. Сергеј Варошлија навистина може да се “отруе” што пропуштил, какви содржини за коментирање. Така да од таа балска скопска ромска вечер не е веќе ништо исто со модата кај нас.

Младите модерни Роми како по некој договор, дојдоа без чорапи, само со боси нозе….а, ту и таму ептен по некој ќе се појавеше и со чорапчиња, веројатно оние најзимурливите. Само тие беа со оние белите спортски. Замислете каков моден циркус: да облечеш такви зимски спортски бели чорапи на летни мокасини. Јако е нема што, а невкусно до небо!

И, ете така на Ромскиот бал во Скопје, покрај сето тоа другото кое одлично функционираше, за што веќе пишувавме, оваа мода со голи зглобови некако ги збуни сите. Пред се оние кои или се уште заостанати со модните трендови или оние кои не ја разбираат практичноста на голи зглобови. Што е сигурно е сигурно: ем штедиш на чорапи (кои после едно носење би требало да се перат), ем штедиш и на прашок, ем си во тек со ултрамодерното: да ти се гледаат голите зглобови на кои многу од (присутните) девојки во своите кажувања ни велеа дека се палат на таквите момци!

Хм! Ех, таа пуста мода што пустош бре, направи. Или ако не, тогаш нека остане за утеха, онака како што би ни порачал популарниот Здравко Чолиќ преку својот мегахит “Пусти, пусти моду…. “
Дуле М.