Токму најновата збирка раскази на Пандева „Заорани“ има моќ да го заинтригира и да му го привлече вниманието на читателот со настаните кои се нанижани во ова дело кое зборува за селото Мокрино под Беласица. Почнувајќи уште од времето на Римското Царство (првиот расказ според кој е именувана и книгата „Заорани“), потоа турското ропство („Каранфила“, „Бабин ден“), балканските и светските војни („Голиот војник“, „Јама“), времето на социјализмот („Тула“, „На граница“), па сè до денешниве дни („Село на глувци“), Пандева успева да ги зачува настаните и личностите на еден свет од заборав…

 

„Сите настани се случиле и сите личности навистина постоеле или сè уште постојат. Тие се сведоци за битисувањето во македонското село што го нема ни на карта, а кое е цел еден свет…“. Ова може да биде една од најавите за најновата книга „Заорани“, составена од 23 раскази, на авторката Лилјана Пандева, која на македонската јавност, но и пошироко веќе и е позната по наградуваниот роман „Доилката“, книгата раскази „Канцелариски колумни“, но и романите „Од агендата на Калина Калин“, „Возовите на Луцерн“, „Дневници на една љубов“, „Класифицирано“…

И нејзината најнова збирка раскази има моќ да го заинтригира и да му го привлече вниманието на читателот со настаните кои се нанижани во ова дело кое зборува за селото Мокрино под Беласица. Почнувајќи уште од времето на Римското Царство (првиот расказ според кој е именувана и книгата „Заорани“), потоа турското ропство („Каранфила“, „Бабин ден“), балканските и светските војни („Голиот војник“, „Јама“) времето на социјализмот („Тула“, „На граница“) па сè до денешниве дни („Село на глувци“), Пандева успева да ги зачува настаните и личностите од заборав.

„Збирката раскази „Заорани“ е само прв дел од трилогијата поврзана со топосот Мокрино и со митологемата вода. Другите две дела се замислени како романи, од кои третиот дел, односно роман, ќе биде утописки. И нивните основни сижеа се извлечени токму од овие раскази“, вели авторката.

Инаку, очигледен е нејзиниот интерес за историските факти, за фолклорот и традицијата, за современите збиднувања (печалбарството и иселувањето), и пред сè, за човекот, за селанецот, за печалбарот, за школуваниот.

„Сè започнуваше нов живот, со стариот во себе. Секој ден се градеше по една куќа. Децата ја тапкаа земјата на подовите, жените се обидуваа од разни корења чорби да прават и за кратко никна нова населба. На предел со многу вода. Но и со многу црви. Први ги забележаа децата додека ги газеа новите подови на куќите.  Но ништо не можеше да биде пострашно од чумата што им го сотре селото…“, пишува во расказот “Заорани“, Пандева.

Таа го пренесува на хартија тој свет со негово несомнено познавање, со тагата поради негово исчезнување и со голема љубов за негово задржување во колективната меморија, со еден современ јазик зачинет со зборови што не го наоѓаат своето место во сегашноста, што полека остануваат во минатото.

Легендата вели дека кога чумата влегувала во селото, косела сè пред себе. Таа страшна жена со расплетени коси земала со себе цели семејства, оставала празни домови, мрша и коски по дворовите и по полето. За да ја спречат болеста да влезе во селото, селаните го заорувале од сите страни. Се заорувале три бразди околу селото, плугот го влечеле два вола близнаци, а нив ги воделе двајца браќа, исто така, близнаци. Така се спасил родот човекот, така никнале нови села, нови судбини на преселените души. Ехото од минатите времиња како постојано да патува низ просторот, понекогаш одекнува силно, а понекогаш само се наслушнува како тивок шепот…

„Во збирката раскази ’Заорани’, од македонската писателка Лилјана Пандева, се наслушнува шепотот на ехото од минатото, тој шепот понекогаш станува придушен плач над судбините на луѓето, сите блиски и од еден род… Народните верувања сè во поттекстот на расказите, матрица врз која авторката гради убава и топла нарација. Се заорувале селата, луѓето очајно барале начин како да ја надмудрат болеста, да ја обессилат и да ја одвратат од намерата да го покоси селото. Но, селејќи се од едно место на друго, во нивните души останувале длабоко заорани браздите, што сè уште мокри и плодни го чувале семето на љубовта, на човечноста. Забраздените души остануваат да ги носат лузните што им ги направил животот, но никогаш не се откажале од намерата да наложат ново огниште, да го запалат и да го осветлат како нивен нов дом. Така, всушност, и се издигнало Мокрино“, вели во рецензијата кон делото Ана Витанова-Рингачева. (Д.Т.)