Нова книга: „Менциј“ – првпат на македонски од старокинески јазик

202

Друштвото за издавачка дејност „Македоника литера“ од Скопје, деновиве ја објави книгата „Менциј“, во превод од старокинески јазик на Игор Радев, доктор по старокинеска филологија.

Менциј е еден од четворицата најголеми кинески класици, покрај Лао Це, Чуанг Це и Конфучиј, односно најпознатиот конфучијанец по Конфучиј.

„Менциј првпат интегрално се објавува на македонски јазик, со предговор, коментари и во превод од старокинески на Радев. Предговорот претставува обемна и пристапна студија, во која се обработени мислата на Менциј и историскиот контекст на настанокот на неговото дело. Делата на Меницј се напишани во седум книги, во вид на дијалози, а сите тие се собрани во една книга епонимно наречена по авторот“, посочува издавачот „Македоника литера“, којшто претходно ги има објавено „Лун Ји (Беседи и мислења)“ на Конфучиј, „Тао Те Кинг“ на Лао Це и „Безгрижно талкање“ на Чуанг Це.

Инаку, Менциј (372 – 289 пр. н. е.) е еден од стожерните философи во кинеската историја, чиешто дело претставува вододелница во интелектуалниот живот на оваа земја.