Нова книга: „Здивена“ на Пухловски на македонски

161

„Здивена“ е насловот на романот на хрватската писателка Марина Шур Пухловски, кој „Македоника литера“ од Скопје неодамна го објави на македонски јазик. Преводот од хрватски јазик е на Ана Антоновска.

Романот е добитник на наградата „В.Б.З.“ за 2018 година, на истоимената издавачка куќа од Хрватска, за најдобар необјавен роман.

„’Здивена’ е роман кој ја разјаснува разликата меѓу заљубеноста и љубовта, односно е антиљубовен роман. Во него е раскажана приказна за ‘животот кој минува низ прстите’ и за љубовта во време на скудност и за времето без љубов. Пишуван во јас-форма, како интимна исповед и со прецизна нарација, овој роман покажува дека вљубеноста, таа состојба на првобитна маѓепсаност, е состојба далеку од љубовта, па дури и нејзина негација. Дејството е сместено во седумдесеттите години на минатиот век, а главната хероина, со потекло од осиромашено семејство се заљу­бу­ва во колега од факултетот, затрескана во неговата разбу­ша­веност и уметнички сензибилитет… Но тоа што на почетокот изгле­да­ло идилично, набргу се претвора во кошмар… За да се ослободи од неа, мора да се ослободи од „затворот“ во кој ја турнале семејството, околината, традицијата, бајките… Мора да подиви. Мора да спасува други за да се спаси себеси“, стои во најавата на издавачот.