„Експресионизмот во македонската ликовна уметност“ е најновата книга од историчарот на уметноста д-р Љубен Пауновски која ја издаде КРОДО од Скопје.

Книгата има два дела. Во првиот дел се разгледува присуството на силната експресија и деформација во уметноста од најстарите епохи па се до феноменот на експресионизмот од првите децении на 20-иот век во  Европа а потоа и во Америка.

Во вториот дел се разгледува експресионизмот во македонската уметност за кој Пауновски извлекува заклучок дека експресионистичката линија има континуитет и дека во неколку етапи достигнува врвови во опусите на уметници од различни генерации. Во книгата тоа може да се следи почнувајќи од големиот исчекор на Никола Мартиноски на преминот од 1920-тите во 1930-тите години, преку првата генерациска кулминација на експресионистите појавени меѓу преминот од 1950-тите во 1960-тите и преминот од 1960-тите во 1970-тите години, продолжувајќи со втората кулминација во периодот на постмодерната од 1980-тите и 1990-тите години, па се до најмладите уметници по 2000-тата година.

Книгата која е поддржана од Министерството за култура на конкурсот за проекти од национален интерес има 220 страници, во А4 формат со тврд повез, со 180 црно бели репродукции и над 200 колор репродукции од македонски и светски уметници.