Тито значајно ја одбележа епохата во која живееше, но не може да се стави во калапи, вели германската историчарка Мари-Жанин Чалиќ. На околу 400 страници таа ја напиша интересен портрет на легендарниот лидер  со наслов „Тито – вечниот партизан“.

„Тито е една од најинтересните историски личности на 20 век“, вели германската историчарка Мари-Жанин Чалиќ, објаснувајќи зошто денес, 40 години по неговата смрт, има уште што да се пишува за основачот на социјалистичка Југославија, Јосип Броз Тито. „Тој е производ на таа ера на екстреми, екстремни идеологии, екстремно насилство, но исто така и екстремни сфаќања за тоа како е можно да се обликува општеството во согласност со комунистичкиот модел. Тој е социјализиран во епохата која била опседната со револуција”.

По Првата светска војна, во која згаснаа животите на милиони луѓе, беа уништени цели земји и која доведе до распаѓање на империите, Тито беше меѓу оние кои беа убедени во можноста за градење на нов свет и ново, мирно и праведно општество – социјализам. Тој го виде Советскиот сојуз како пример за ова.

Но, тој беше личност што не можеше да се затрупа во никакви фиоки и не се вклопува во шемата на големите диктатори како Хитлер или Сталин. „Во Југославија немаше масовни чистки во рамките на Комунистичката партија, немаше геноцид, Југославија не водеше офанзивна војна. Тоа не беше диктатура”, забележува германската историчарка за „Дојче веле“. Дури и во неговите „најлиберални“ фази, Тито не беше демократ во западна смисла. По крајот на Втората светска војна, тој им дозволи на неговите партизани да се одмаздат сурово на десетици илјади недолжни луѓе.

Неспорна заслуга на Тито е што, по нападот на Хитлер врз Југославија, во април 1941 година, тој изгради партизанска армија која на крајот ја водеше до победа во војната со противник кој изгледаше речиси непобедлив. Неколкупати партизаните беа речиси поразени, самиот Тито беше ранет, тој за малку ја избегна смртта на фронтот.

„Тито беше единствениот врховен командант на една антихитлерова коалиција кој беше на фронт во текот на целата војна“, наведува Чалиќ. Неговата „непоколеблива убеденост во силата на своите дела“, како и неговите организациски вештини, влијаеја врз партизаните и ги мотивираа.

Дури и среде борбата за национално ослободување, Тито и неговите соработници ги формулираа принципите на новата Југославија: како федерација на еднакви народи.

Над идеолошките табори

Секако, Тито не беше ниту западен демократ. „Веднаш по војната, Тито сакаше да воведе сталинистички модел во Југославија. Имаше само една идеологија, се создаде еднопартиски систем, медиумите беа под контрола, имаше терористичка тајна полиција, имаше политички атентати. Но, дури и тогаш, Партијата се обиде повеќе  да ги убеди луѓето во исправноста на своите убедувања, отколку насилно. Колективизацијата не беше спроведена со брутална сила како во Советскиот Сојуз, а подоцна беше ревидирана. Потоа дојде либерализацијата, најпрво на партијата, па на државата. Постоеше одредена слобода на медиумите и плурализам на мислење. И секако слобода на патување како никаде на источниот блок. Но, секако, југословенскиот систем не беше демократски во западна смисла“, смета историчарката Чалиќ.

Но, кога некој ќе види колку престиж уживал кога умрел, се гледа дека застанал над идеолошките табори. Бројни светски државници дојдоа на неговиот погреб, имаше и демократски избрани претседатели на држави и влади и диктатори и кралеви, нагласува Чалиќ.

Политика и гламур

Тито беше шармантен, пишува Чалиќ, „со својата непосредност ги освојуваше луѓето со потполно различно социјално потекло и општествена положба“. Како комунист, тој се размина во ставовите со советскиот диктатор Сталин, кому не сакаше да му се покорува. Тој го основал Движењето на неврзаните, кое барало „трет пат“ во време на Студената војна, меѓу атомските суперсили САД и Советскиот Сојуз. И западната Сојузна Република Германија (BRD) беше поблиску до него отколку источната, Германска демократска Република (DDR).

Германските канцелари Вили Брант и Хелмут Шмит ја стекнаа неговата доверба – тие го гледаа Тито како важен партнер во нивната нова политика за олеснување на односите со Истокот.  Книгата, исто така, посветува многу простор на личната суета на Тито, на бомбастичните инсценации кои ги сакаше, наклонетоста кон луксуз и гламур, како и култот кон личноста што го изгради.

Времето го прегази

Кога Тито умре, тагата и погоденоста на луѓето беа вистински и искрени. Но, она за што најмногу се грижеше, Југославија, го надживеа само десет години.

Сепак, Чалиќ останува само на површина кога накратко заклучува: „Кога Словенија и Хрватска еднострано прогласија независност на 25 јуни 1991 година, Југославија потона во крвава граѓанска војна. Со тоа, пропадна животното дело на Тито“.

Авторката на едно друго место точно констатира дека „Тито бил просветлен, татковски добар, монархистички комунист.“ И како таков, тој беше застарен уште додека беше жив, тој веќе не беше во духот на времето. Демократизацијата која би го надминала системот на федерализирана еднопартиска репресивна толеранција за него беше едноставно незамислива.

„Во историјата, начелно не постојат нужности. Секогаш постои некоја алтернатива, постојат различни можности. Но, јас мислам дека околностите за Југославија во 70-тите и 80-тите години беа многу тешки и дека опстанокот на таквата држава стана малку веројатен. Социјализмот се распадна низ целиот источен блок. А веќе не постоеше ни сврзно ткиво на идеологијата на братството и единството, како ни единството на партијата. Во исто време, политичките лидери во републиките веќе не веруваа во компромис или не го сакаа тоа. Мислам дека во 80-тите години настана една динамика, која, да беше жив, ни Тито немаше да може да тукутака да ја запре или да го смени курсот“, заклучува авторката на најновата биографија за Тито.