Дубаи, најважниот туристички центар на Обединетите Арапски Емирати доби нова атракција – Аин Дубаи, или „Окото на Дубаи“ што се отвори во четвртокот на островот Блувoтерс.

„Насобраниот народ на отворањето уживаше во спектакуларното „лајт шоу“. Со светлечки ефекти се прикажа и одбележи државноста и јубилејната 50. годишница од создавањето на ОАЕ, што е годинава во декември“, раскажа за Вечерпресс, наша читателка која работи и живее во Дубаи.

Шоуто за отворањето заврши со спектакуларен огномет.

Фото: За vecerpress од Дубаи

Со висина од 250 метри, оваа атракција е речиси двојно повисока од популарното Лондонско око, една од најпосетуваните атракции во Европа.

„Окото на Дубаи“ истовремено може да прими 1.750 посетители во 48 целосно дигитализирани кабини, секоја по 30 метри квадратни, заштитена со двојно висококвалитетно стакло со УВ и инфрацрвена заштита.

Фото: За vecerpress од Дубаи
Фото: За vecerpress од Дубаи
Фото: За vecerpress од Дубаи

За најевтиното возење, посетителот ќе плати 30 евра, додека оние со подлабок џеб ќе можат да резервираат посебно искуство во приватна кабина. Возењето трае просечно 38 минути.

Фото: За vecerpress од Дубаи

Изградбата на „вртелешката“ чинела 270 милиони долари, и иако отворањето требаше да биде минатата година, сепак беше одложено за овој месец.