Стефанос Циципас се обиде, меѓутоа немаше сили целосно да му парира на Новак Ѓоковиќ во финалето на Австралија Опен. Гркот двапати го натера ривалот да игра тај-брејк, но без освоен сет го положи оружјето во Мелбурн. По мечот, Циципас призна дека му се восхитува на противникот, нагласи дека тој е најголемиот тенисер кој некогаш играл и имаше само пофални зборови.
„Новак, не знам што да ти кажам, резултатите зборуваат сами за себе. Тоа што го правиш за нашиот спорт, што досега си го исполнил, сè е во бројките. Ти честитам, не само од мене, туку и од целото мое семејство, имаме слична тениска заднина. Ти се восхитувам за сè што си направил за тенисот и правиш јас да бидам подобар кога сум со тебе на теренот. Имав привилегија да играм многу мечеви со висок интензитет. Новак го извлекува најдоброто од мене, тој е најголемиот кој некогаш држел рекет во историјата! Не е лесно да се загуби уште едно финале, но секогаш имам желба да се вратам на теренот. Благодарен сум што имам група луѓе кои ме поддржуваат“, изјави Циципас.