„Букстар“, утре во 19:30 часот, ќе го отвори поетот, есеист и преведувач Никола Маџиров со испраќање на својата книжевна порака до гостите и потоа ќе продолжи со разговор со писателката Ирса Сигурдардотир, која ја нарекуваат „исландска кралица на трилерот“. Фестивалот ќе заврши, в среда во 21 часот, со свечена церемонија за наградата „Букстар“ 2022 за нобеловката Светлана Алексиевич, која на настанот ќе се јави преку видеоврска

Под мотото „Храбри нови зборови“, од утре до 5 октомври, на неколку локации во Скопје ќе се одржува осмиот Фестивал на европската литература „Букстар“ (BookStar) што го организира издавачката куќа „Антолог“. Годинава на фестивалот ќе бидат претставени повеќе европски и домашни автори, кои ќе учествуваат на десетина книжевни разговори, поткасти, работилница за раскажување приказни, читање, предавање. Два настана ќе бидат онлајн, а на сите останати авторите ќе присуствуваат лично во Скопје.

Наградата „Букстар 2022“ годинава ќе ѝ биде доделена на нобеловката Светлана Алексиевич за нејзината книга „Војната нема женско лице“. Ќе бидат доделени и наградата „Букстар“ за најактуелна книга меѓу две фестивалски изданија и нововостановената награда за најдобар превод „Драги“, во чест на Драги Михајловски.

Фестивалот утре во 15 часот, во кино „Фросина“, ќе почне со претфестивалски настан – видеоразговор со авторот Саша Станишиќ на тема „За потеклата и случајностите што (не) постојат“. „Букстар“ во 19:30 часот ќе го отвори поетот, есеист и преведувач Никола Маџиров со испраќање на својата книжевна порака до гостите и потоа ќе продолжи со разговор со писателката Ирса Сигурдардотир, која ја нарекуваат „исландска кралица на трилерот“. Првиот фестивалски ден ќе се заокружи со разговорот „Нова бугарска книжевност“ помеѓу современите бугарски автори Оља Стојанова Џакова и Петар Денчев.

Во наредните два дена фестивалот ќе продолжи со програма и специјални настани (работилници, предавања, читања) и ќе заврши в среда во 21 часот со свечена церемонија за наградата „Букстар“ 2022 за нобеловката Светлана Алексиевич. Видеоразговорот со авторката ќе го водат Андреј Јованчевски, преведувач од руски јазик и професорката Лидија Танушевска.

За книгата за која е наградена – „Војната нема женско лице“, организаторите на фестивалот посочуваат дека е една од најпознатите книги за војната. „За време на Втората светска војна, околу еден милион жени се бореле на страната на Црвената армија, но за нив никогаш ништо не се пишува. Оваа книга ги собира на едно место спомените на стотици жени – снајперистки, тенкистки, болничарки. Ова е приказна за жените во текот на војната. Што ним им се случувало, како таа ги променила? Од што се плашеле? Како научиле да убиваат? Овие жени – повеќето првпат во својот живот – ја раскажуваат нехеројската страна на војната, која најчесто не е присутна во сеќавањата на ветераните. Тие говорат за валканоста и за студот, за гладот и за сексуалното насилство, за проблемите и за сенката на смртта. Алексиевич дозволува овие гласови да се слушнат во нејзината трогателна книга, првпат објавена во 1985 година. Авторката ја дополнила во 2002, преработувајќи ги деловите што биле цензурирани и додавајќи нови материјали што првично не било дозволено да се објават“, истакнуваат од фестивалот.

Алексиевич е родена на територијата на Советскиот Сојуз пред 74 години во градот Станислав (денешен Ивано-Франковск) на западот од Украина, од мајка Украинка и татко Белорусин. Семејството се преселува во Белорусија, каде што го завршува основното и средното училиште и пред да дипломира на Белорускиот државен универзитет веќе почнува да работи како новинарка која многу бргу станува успешна и препознатлива. „За нашиот книжевен контекст е огромна чест што првата новинарка добитничка на Нобелова награда за литература за 2015 година и авторката на дела што засекогаш ја сменија историјата на литературата ќе биде дел од програмата на Фестивалот ‘Букстар’ 2022“, додаваат оттаму.

Инаку, странски учесници на осмото фестивалско издание се: Ирса Сигурдардотир од Исланд, Петар Денчев и Оља Стојанова Џакова од Бугарија, Богдан-Александар Станеску од Романија, Кристина Гавран и Игор Штикс од Хрватска, Даина Ополскаите од Литванија, Надја Теранова од Италија и Моника Компаникова од Словачка. Македонски учесници ќе бидат: Јордан Коцевски, Снежана Стојчевска, Билјана Црвенковска, Петар Андоновски, Елена Филиповска, Владимир Јанковски, Елизабета Баковска и Жарко Кујунџиски.