Во театарот „Војдан Чернодрински“: По „Глембаеви“ во режија на Брезовец и „… Уште една легенда“

155

Во театарот „Војдан Чернодрински“ се интензивираат пробите за претставата „Глембаеви“ по текст од Мирослав Крлежа, а во режија на хрватскиот режисер Бранко Брезовец. Премиерата е планирана за крајот на септември, бидејќи веднаш потоа со петмина хрватски актери се работи заедничката престава „Глембаеви и Уште една легенда“ што премиерно ќе биде прикажана на почетокот на октомври.

Инаку, „Глембаеви“  е канонска  драма на хрватската книжевност, но и драма играна буквално насекаде  на просторите на поранешна Југославија, па и неколку пати во Македонија. Oва е најдобриот драмски текст на Крлежа, во кој се говори за пропаѓањето на една моќна капиталистичка фамилија, за начинот како настанало нејзиното богатство, и како се распаднала.

„Глембаеви ги гледам од поширока општествена ситуација, бидејќи е интересeн текст затоа што сите на овие простори сме Глембаеви, сите се обидуваат да бидат магнати, индустријалци, тајкуни, да зарaботат „лесно“ пари, без морал, со малверзации. Глембаеви се многу актуелни бидејќи такви ги има на сите страни. Eдна од причините за поставувањето на текстот на сцената е современоста на претставата. Втора што текстот е многу длабок, сериозен. Третата состојба е мојата желба да ги поставиме тие психолошки состојби од текстот на друг начин.  И најважно е што има некоја поврзаност меѓу мене и театарот, откако ја  работевме Антица. Таа претстава беше спектакл, без психолошко профилирање, а Глембаеви ќе биде интересна, затоа што е големо дело и Крлежа е голем писател“, вели режисерот Брезовац.

Во претставата играат Даниела Иваноска, Зоран Иваноски, Андон Јованоски, Димитар Црцоркси, Ангела Наумоска, Игор Трпчески, Трајче Иваноски и Исидор Јованоски. Автор на музиката е Никола Мицевски, кој првпат работи во театар, сценограф Ивана Кнез од Загреб, а Сузана Брезовец е костимограф.

Брезовац посочува дека двете претстави ќе бидат визуелно различни.

„Заедничката ќе има необичен спој, ќе биде интересно за гледање. А во Хрватска  можно е гостување кон крајот на ноември“, посочува режисерот.