НЛБ Групација: Го поврзуваме нашиот матичен регион преку уметноста

27

Денеска во Љубљана се одржа прес-конференција по повод почетокот на новата уметничка програма на НЛБ Групацијата за визуелни уметности. Целта на програмата е НЛБ Групацијата да стане главен поддржувач и партнер на современата уметност и уметниците во Југоисточна Европа (ЈИЕ), во својот матичен регион. Како дел од оваа уметничка програма, Групацијата ќе продолжи да инвестира во аквизиција на уметнички дела и уметнички проекти и ќе креира нова уметничка колекција наречена „SEE ART“ (Уметноста на ЈИЕ), која ќе најде свое место во галеријата на НЛБ Групацијата во Љубљана.

Визијата и идеите на НЛБ Групацијата за поддршка на визуелните уметности во регионот на ЈИЕ ги презентираа извршниот директор на НЛБ, Блаж Бродњак, директорката на Институтот за културно наследство на НЛБ, Ирена Чук, кураторот др. Мета Кордиш, и членовите на новоформираниот Уметнички совет на НЛБ, др. Мира Гаќина (Скопје), Маја Колариќ (Белград) и Тевж Логар (Риека).

Блаж Бродњак е убеден дека не постои суверена нација без сопствен културен идентитет и финансиски столб, а НЛБ, како носител на банкарската традиција, отсекогаш била главен покровител на развојот на уметноста и културата. Со програмата „ART“ и колекцијата на „SEE ART“, НЛБ Групaцијата повторно ја воведува благородната традиција на покровителство, ќе ја распространи во рамки на својот матичен регион на Југоисточна Европа и ќе воведе нова ера. „Уметноста и економијата не познаваат граници. НЛБ Групацијата сака активно да придонесе за подобар квалитет на живот во својот матичен регион, поради што сега ја зајакнуваме нашата поддршка за уметноста како еден од исклучително важните столбови на одржливо и општествено одговорно работење низ целиот свет, регионот на ЈИЕ, вклучително и во нашата соседна пријателска Република Хрватска. Со колекцијата „SEE ART“ ја поврзуваме современата уметност и уметниците, ги препознаваме талентите од овој регион, ги поддржуваме, промовираме и ја отвораме вратата за соработка, дијалог и нови можности“. – додаде Бродњак.

Инаку членови на НЛБ Уметнички совет, се меѓународно признати експерти за уметничка продукција во Југоисточна Европа: Тевж Логар (Риека), претседател на Советот и независен кустос, уредник и автор, др. Мира Гаќина (Скопје), историчар на уметност, уметнички критичар, виш кустос и директор на Музејот на современа уметност во Скопје и Маја Колариќ (Белград), историчар, кустос и директор на Музејот на современа уметност во Белград. Тие заедно го осмислија името на колекцијата, нејзиниот концепт и програмата.