Ако зад секој успешен спортист стои убава жена, така и зад секоја успешна репрезентација стои добар спонзор. Можеби и не можеше нашата одбојкарска селекција да посака подобар пријател во пресрет на Европското првенство во септември годинава. „Спартанците“ на повеќе од два месеца до  шампионатот добија поддршка од најдобрата банка во Македонија – НЛБ Банка.

Одбојкарите изминативе неколку години покажаа дека можат да се носат и со најсилните, па затоа, сосема заслужено ќе бидат дел од Европското првенство кое стартува на 1 септември. Токму поради тоа, Одбојкарската федерација и НБЛ банка постигнаа договор од кој најголема полза ќе имаат нашите најдобри одбојкари, кои во септември ќе настапат на Европското првенство.

  • Спортот во последно време нè возбуди сите. Спортските успеси секогаш се силен стимул за заедништво и сплотеност. Тоа добро го почувствувавме за време на фудбалските и одбојкарските натпревари изминатиов период, а за среќа, во септември нè очекува уште едно адреналинско првенство во одбојка. Одбојкарите се нашата гордост, не само поради успесите, туку и поради напорите да го популаризираат овој спорт и да го одржуваат меѓу младите. За себе ќе кажат дека се федерација со скромни соништа, но јас сметам дека имаат селекција со која можат да дојдат и до златото. Во услови кога публиката почнува да се враќа на спортските терени, а спортските натпревари се одржуваат редовно, ни будат силни емоции кај сите нас, на лично задоволство и на задоволство на целиот тим на НЛБ банка споделуваме дека потпишуваме договор за спонзорство во Македонската одбојкарска федерација, со која ја продолжуваме соработката со оваа неверојатна генерација на одбојкари кои успеаја да се пласираат на ЕП во септември. Од срце им посакуваме голем успех на претстојното ЕП, изјави на прес-конференцијата претседателот на Управниот одбор на НЛБ банка, Антонио Аргир.

Своја благодарност за подадената рака даде и претседателот на ОФМ, Петар Јовановски.

  • Работевме тивко 12 години, а тоа наше работење даде резултати со кои ја радуваме нашата македонска јавност. Голема благодарност до НЛБ банка, а ние како федерација верувам дека ќе обезбедиме подобри услови, ќе дадеме многу повеќе и ќе им овозможиме на репрезентативците да дојдат до врвот. Искрено очекувам што подобри резултати на нашата селекција на претстојното ЕП, се стремиме кон тоа и напорно работиме, истакна Јовановски.

Македонија на големиот континентален собир е во групата „Ц“ со Финска, Русија, Холандија, Турција и Шпанија. Како што вели либерото Дарко Ангеловски, нашата шанса ќе ја бараме против домаќинот Финска.

  • Ќе имаме силни подготовки за претстојниот шампионат. Нашата цел е пласман во нокаут фазата, да бидеме подобри од минатото ЕП и да атакуваме на златото. Што се однесува до репрезентациите кои се во нашата група. Холандија има добар коректор во играта, но Русија е прв фаворит за првото место во групата. Нашата шанса треба да ја бараме против селекцијата на Финска, заврши Ангеловски.

(К.Т.)