Во екот на кампањите и бројните реакции на граѓански здруженија и препорака на светската организација на УНЕСКО, Охрид и Охридскиот регион да се стави на црвената листа на загрозени светски наследства поради дивоградби, во самиот центар на градот и тоа во заштитеното подрачје никнува нова градба.

Активистите на граѓанската иницијатива Охрид СОС деновиве на својата Фејсбук страна објавија дека во близина на Античкиот театар се гради, а поставија и фотографии со напомена дека во меѓувреме веќе е изградена и карабина?!

“Локацијата е од Охрид, улица „Илинденска“, неколку куќи над истражениот и конзервиран локалитет „Манчевци“, на угорнината за Антички театар. Веќе е подигната карабина. Не е познато дали и колку стручно е истражуван локалитетот, зошто работниците го отстрануваат археолошкиот слој и кој дал овластување и одобрување. Не би сакале да веруваме дека со културното наследство на охридскиот регион се постапува на ваков начин. Очекуваме конкретни реакции и од Влада на Република Северна Македонија и од Министерство за култура “, велат меѓу другото од граѓанската иницијатива Охрид СОС.

Од Управата за заштита на културното наследство кои со својата инспекциска служба директно се надлежни за заштитените подрачја, велат дека се известени.

“Секојдневно добиваме анонимни повици и пријави од граѓани и граѓански здруженија и веднаш ги препраќаме до инспекциските служби во Управата кои излегуваат на терен и вршат надзор“, вели Елеонора Петрова – Митевска, директорката на Управата.

Од инспекциските служби пак, ни потврдија дека се запознати со случајот и дека деновиве ќе биде извршен надзор .

„Ќе излеземе на терен и ќе извршиме увид на самото место, меѓутоа во моментот треба да ја разгледаме документацијата за заштитеното добро, по што службите ќе извршат увид на теренот и ќе ја констатираат состојбата, по што ќе биде направен и записник и понатаму ќе се реагира. Вработените со возилата секојдневно се на увид низ државата и ќе се реагираме во најбрзо време. Доколку има отстапувања од законските рамки правно ќе реагираме за стопирање на активностите“, вели Жаклина Петровска од Управата.

Од Заводот и Музеј Охрид, вчера за “Вечер“ потенцираа дека објектот е изграден според одобрението за градба и под континуиран инспекциски надзор, како и дека во досегашните извештаи на инспекцијата немало никакви забелешки. Во дел од објектот би биле изложени артефактите од локалитетот.

Во однос на бесправното градење во заштитеното подрачје на Охрид и охридскиот регион и негрижа на централната и локалната власт, како и последната препорака на УНЕСКО, пак, од Охрид СОС додаваат: “Светот нека дознае зошто сме во опасност да паднеме на тестот! Затоа што УНЕСКО е токму тоа – тест за професионалност, за работа во корист на сопствената земја и во корист на сите нејзини жители. УНЕСКО е институција – епитом на фундаменталните вредности кои ги движат напред науката, образованието и културата во светот. Ако ние како земја ги немаме овие вредности, што имаме?“.

Во џамијата сликарство без дозвола

Меѓу Охридската јавност последните години голема прашина крена и минарето на џамијата во старото градско јадро на Охрид, чија изградба иако во повеќе наврати беше стопирана од страна на инспекциските служби, неовластено продолжуваше. Неодамна џамијата повторно доби забрана за продолжување на градежните работи на минарето. Од инспекцијата во Управата велат дека незаконско е и сликањето во внатрешноста на џамијата, која е заштитена со закон како културно наследство.

„Во џамијата е направен увид и констатирано е дека немаат одобрение за сликање на внатрешноста што сепак било направено. Постапката е стопирана , а тие се задолжени во одреден рок да се врати во првобитна состојба. На 7 јуни треба да направиме увид дали е постапено според укажаното“, велат од Управата, каде додаваат дека и покрај превземените правни дејствија, тие не се почитуваат на терен.

Нема да ги избркаат туристите

„Не верувам дека тоа што Охрид има препорака да биде ставен на црвената листа на УНЕСКО ќе влијае на бројот на туристи, бидејќи ние како Влада донесовме мораториум за градба и верувам дека уште во текот на јуни Охрид ќе остане листата на заштита на УНЕСКО. Аранжманите веќе се букирани, ние очекуваме и во иднина да расте бројот на туристи како што растеше и минатите месеци“, истакна министерот за економија, Крешник Бектеши.