Ни Катица Јанева веќе не се крсти во СЈО

74

На 10 дена пред истекот на мандатот на Специјалното јавно обвинителство, обвинителката Катица Јанева со писмо испрати наредба, сите предмети на СЈО да се префрлат во Јавното обвинителство.

Специјалната обвинителка од Истражниот затвор во Шутка испратила писмо до тимот на обвинители со кое наредува сите предмети од СЈО да се предадат во Основното јавно обвинителство во Скопје. Информацијата за медиумите ја потврдија и официјално од СЈО, а одлуката ќе треба да се донесе во рок од три дена, откако обвинителите за тоа ќе се договорот на седница.

– Од страна на Основниот кривичен суд Скопје доставено е полномошно кое Катица Јанева преку КПУ „Затвор Скопје“ го доставува до ова Јавно обвинителство. Со полномошното Јанева ги овластува обвинителите во ова Јавно обвинителство да ги предадат на Јавното обвинителство на РСМ предметите кои се водат во ова Јавно обвинителство и тоа: кривичните предмети во судење, во истрага и во предистрага, се наведува во соопштението објавено на веб страницата на СЈО.

Имајќи го предвид законот за СЈО и одредбите за автономија на Обвинителството, во текот на денешниот ден ќе биде испратен допис до Јавното обвинителство на РСМ со цел запознавање на јавниот обвинител на РСМ со ваквото полномошно, по што ќе биде донесена одлука за евентуално понатамошно постапување, наведуваат од СЈО.

Неизвесно е дали наредбата на Катица Јанева ќе го откочи и законот за јавно обвинителство кој во моментов е во собраниска процедура. Писмото кое специјалната обвинителка го испрати додека е во притвор предизвика лавина коментари од експертската јавност, со оглед на фактот што за судбината на предметите на СЈО, ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и ДУИ преговараат со месеци и немаат помрднување од мртва точка.

Правниците коментираат дека писмото со нејзина наредба е неважечко, затоа што мерката притвор во основа ја суспендира Јанева од обвинителската функција. Адвокатот Звонко Давидовиќ за медиумите појасни дека Јанева има право во координација со Истражниот затвор во Шутка и со Основниот кривичен суд да испрати писмо, но нема право на таква содржина на истото, односно да определува во кое обвинителство ќе припаднат предметите.

Со сличен став е и пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Антонијо Милошоски кој во исто време е преговарач за законот за јавното обвинителство.

– Во моментот кога лице/функционер (Катица Јанева) е во притвор, тоа лице не смее директно да комуницира со други лица и институции, освен со својот бранител или преку него. Затоа е мерката притвор. Особено не смее да комуницира со институцијата или вработените на кои може да влијае, кои може да бидат сведоци, а таа институција е токму онаа која притворената ја злоупотребила и таму се наоѓаат материјали или докази кои можат да бидат битни во истрагата за осомничената.

Притворениот градоначалник, директор, државен секретар, пратеник, министер, судија, обвинител, кој истовремено е во оставка, по сила на закон ги губи ингеренциите во својата институција и капацитетот да наредува на вработените, да одлучува, санкционира или решава, особено не за прашања поврзани со злоупотребата заради која е во притвор!

Есад Рахиќ треба да поднесе оставка од директор на истражниот затвор, доколку спротивно на правилата ја овозможил оваа комуникација спротивна на законот и притворот.

Замислете некој притворен градоначалник да даде наредба до општината за купување на ново службено возило или за отворање на тендер за набавка на нови автобуси!?!, напиша Милошоски.