Ништо ново за МЗТ Скопје кога е во прашање АБА лигата, откако вечерва го претрпе и 15. пораз, деветти во низа, во регионалното друштво во рамки на 17. коло. Овој пат поуспешен од „металците“ беше домаќинот Студентски центар со 103:85, меч кој се одигра во салата „Морача“ во Подгорица.

Македонскиот шампион беше полош во речиси сите статистички параметри и на крајот сосема заслужено дојде до уште еден неуспех. По само три-четвртини противникот успеа да даде дури 86 поени, а прими 64, поради што уште тогаш беше познат победникот.

До крајот остануваат уште десет кола, а МЗТ Скопје има се помали шанси да го избегне последното место во АБА лигата, позиција која директно го исфрла тимот од елитното натпреварување. Шанса за поправен, тимот од Аеродром ќе има следниот викенд кога ќе ја пречека Цедевита.