Британскиот пилот во редовите на Мерцедес и бранител на титулата во Формула 1, Луис Хамилтон, уште на неделна трка за ГН на Мексико би можел математички да ја одбрани титулата. За овој подвиг потребен му е пласман на победничкиот подиум, нешто што не успеал да го направи во Мексико уште од 2016 година.

Последните две години во Мексико победи тимот на Ред Бул, а минатата година на оваа трка побрз од Мерцедес беше и Ферари. На патеката “Браќата Родригез“ е намалена силата заради големата надморска височина, а клучно е и ладењето на болидите, а Ферари оваа година беше подобар од Мерцедес на правците.

-Мислам дека Мексико генерално за нас е најлоша трка во календарот. Последните две трки беа прилично шокантни за нас, иако на оваа трка освоив две титули. Се надевам на подобар викенд, но мислам дека ќе биде многу тешко да се победи Ферари по тие долги правци. Но, ако ги погледнете другите, Мекларен има исто така добра брзина на правците, како и Ред Бул и мислам дека ќе биде незгодно, изјави Хамилтон.

Последните две годни во Мексико, победи Макс Верстапен (Ред Бул).

-Очекувам нешто потешка трка оваа година заради брзината на Ферари, но мислам дека можеме да имаме многу добра трка, изјави Верстапен.

Актуелниот шампион има 64 бодови предност, а на располагање се уште 104 бода. Ако ја сака титулата уште на неделната трка, Хамилтон мора да осови 14 бода повеќе од тимскиот колега Валтери Ботас.

-Не сум сигурен дека тоа ќе се случи во Мексико. Мислам дека добро ќе се бориме во наредните трки, наведе Хамилтон.

Ботас во Јапонија победи прв пат после шест месеци и се надева дека би можел да ја побара борбата за титулата.