Украинската параолимпијка со американски пасош и добитничка на „Лауреус“, Оксана Мастерс (32), минала низ неверојатно хорор-патување од Чернобил до параолимпиското злато.

На Параолимпијадата во Пекинг, таа освои злато во скијање во крос-контри спринт, а потоа објави емотивна порака до својата татковина, повикувајќи ги луѓето ширум светот да донираат пари за добротворната организација „No Child Forgotten“, која ги поддржува децата со телесен инвалидитет.

Оксана е родена со голем број малформации поради изложеноста на нејзината биолошка мајка на радијација по нуклеарната катастрофа во Чернобил. Нејзините родители ја оставиле во сиропиталиште, каде што живеела до својата седма година.

Нејзиниот живот се променил кога била посвоена од Геј Мастерс, логопед од Кентаки кој ја одвел во САД. Таа започнала да спортува со лица со посебни потреби и досега се има натпреварувано во нордиско скијање, биатлон, велосипедизам и веслање, а освои вкупно осум параолимписки медали, од кои три златни.

  • Тешко беше да ги пронајдам моите страст и желба да настапам на овие Игри во екот на војната со која страда мојата татковина, Украина – напиша Мастерс на Инстаграм, па додаде:
  • Се чувствувам себично, беспомошно и погрешно што сум овде. Сепак, отсекогаш сум била горда што сум Украинка, сега уште повеќе од кога било.

Во 2020 година, таа ја освои престижната награда „Лауреус“, еден вид спортски „Оскар“ за најдобар спортист со попреченост, појавувајќи се на победничкиот подиум со другите победници, аргентинскиот фудбалер Лионел Меси, американската гимнастичарка Симон Бајлс и Формула 1 возачот Луис Хамилтон.

  • Додека украинскиот народ се бори за своите дом и мир, сакам да помогнам ниту едно дете да не биде заборавено. Знам какво е чувството да се биде дете со попреченост во Украина, каде што медицинската нега беше мала или непостоечка, особено сега среде војна – истакна Мастерс.