Италијанскиот калчолигаш Калјари е едно на најпријатните изненадувања кога се во прашање петте најквалитетни лиги во Европа. Клубот од Сардинија моментално е четвртопласиран на првенствената табела, а веќе 11 натпревари по ред не знае за пораз. Меѓу најзаслужните за одличните резултати е и белгискиот интернационалец Раџа Најголан, кој се врати во редовите на Калјари на почетокот од новата сезона како позајмен играч од редовите на Интер.

Темпераментниот играч за врска со месеци водеше „војна“ со раководните лица на Интер, а потоа се врати во клубот во кој играше од 2010 до 2014 година.

  • Сакам на сите во Интер да им покажам дека направија голема грешка кога ме отпишаа. Добро играме и јас и моите тимски колеги, а тоа е голема победа за мене, но нема предвреме да славам, изјави 31-годишниот Најголан кој даде ексклузивно интервју за телевизијата „Елевен Спорт“.

Најголан останал без татко кога бил дете, а неговата мајка почина во 2010 година. Пред неколку недели потврди дека неговата сопруга води голема битка со карциномот. Поради таквиот живот, Раџа е етикетиран како проблематична личност.

  • Секогаш ќе бидам таков, затоа што не можам да ја одлепам таа етикета која ми е залепена на грбот. Некаде прочитав дека познатиот белгиски велосипедист Свен Нис не можел да поверува дека јас пушам цигари. Не ми е јасно како еден велосипедист може да го коментира однесувањето на фудбалерот? Тој мора седум часа да седи на својот велосипед, а јас морам да трчам 90 минути. Не е исто. Ќе останете без зборови ако ви кажам колку фудбалери пушат. Во една ситуација, пушеа седум или осум репрезентативци на Белгија. Но јас бев единствениот проблем, додаде Најголан.

На крајот од интервјуто, фудбалерот на Калјари откри дека се има смирено во последните неколку години.

  • Малку се смирив во последните неколку години, особено откако се разболи мојата сопруга. Сега е подобро. Се обидувам поголемиот дел од слободното време да го поминам со моите деца, да им бидам на располагање. Никогаш повеќе нема да играм за репрезентацијата на Белгија. Сè ми стана јасно откако селекторот Роберто Мартинез ми кажа дека не може да ми ја даде улогата која ја имав во дресот на Рома. Стојам зад мојата одлука и нема да ја променам, заврши Најголан.