Ниските откупни цени ги испразнија нивите, никој не сака да сади пченица, пченка…

Главна причината што многу ниви низ државата стојат празни се ниските откупни цени на земјоделските производи, поради кои сè повеќе земјоделци се откажуваат од садење пченица, пченка..., а доказ за тоа е фактот што секоја година има сè помалку и помалку хектари засадени со овие култури

242

Повеќе земјоделски култури во Македонија изумираат, старите веќе не можат да работат, а младите заминуваат во странство и не сакаат да се занимаваат со земјоделство. Главна причината што многу ниви низ државата стојат празни се ниските откупни цени на земјоделските производи, поради кои сè повеќе земјоделци се откажуваат од садење пченица, пченка…
Земјоделците велат дека сеидбата на пченица и пченка е доведена во прашање, а проблемот се ниските откупни цени со кои земјоделците мака мачат во последниве неколку години. Овие фактори придонесоа да се смени сликата на македонските ниви на кои ретко можат да се видат млади луѓе. Со земјоделско производство се занимаваат само стари лица кои немаат каде да одат, а младите или си заминаа или не сакаат да ја работат оваа работа.
Претседателот на Сојузот на земјоделци на Македонија, Вељо Тантаров, вели дека земјоделците се откажуваат од садење на пченица и пченка, а доказ за тоа е што секоја година има сè помалку и помалку хектари засадени со овие култури.
-Во многу региони нема откуп, а таму каде што има цената е многу ниска. Тоа значи дека в година никој нема да сади пченка. Сметаме дека цената на пченката треба да биде колку онаа на пченицата, 12 денари за килограм, за да се покријат производните трошоци, вели претседателот на Сојузот.
Според него, освен за пченка сè помал е интересот и за пченицата, а проблемот повторно е ниската откупна цена. За сеидба нема интерес зашто земјоделецот не може да постигне цена со која се вреднува трудот, останува нешто за живот и да има пари за нова сеидба, додава тој.
Што се однесува до тутунот, пак на кој во последниве неколку години откупната цена почна да му раст, тутунарите велат дека сега имаат друг проблем, а тоа е нелегалното производство. Појавата е особено застапена во скопскиот регион, но штетите ќе се почувствуваат на целата територија на државата и загрозени ќе бидат околу 20.000 домаќинства кои живеат од тутунопроизводство.
Сепак, земјоделците не се откажуваат и излез од ваквата состојба гледаат во членството во НАТО и ЕУ. Тие се надеваат дека со членство во евроинтеграциите ќе добијат пазар од 500 милиони жители, полесен пласман, повисоки цени на производите, повисоки субвенции и полесен пристап до ЕУ фондовите. (А.С.)