Режисерката Нина Николиќ вели дека оваа ситуација ни покажува дека во трката за гола егзистенција, пари и слава човекот заборавил да ја негува состојбата на духот. „Па во овие моменти кога сите пасоши вредат исто, не знае како да се избори со самиот себе, што раѓа негативни мисли и идеи дека корона вирусот ќе го уништи светот. Од друга страна ѝ дадовме на природата шанса да ни покаже колку сме ја запоставиле и угнетувале, а таа е главен извор на живот. Се надевам дека од ова ќе излеземе поучени дека за да се бориме со вакви непријатели, мораме постојано да инвестираме во себе и да градиме личен и колективен ментален и душевен имунитет“, додава таа за весникот Вечер

„Бројките на заболени, брзината и леснотијата со која се шири вирусот, како и бројот на оние кои секојдневно ја губат битката со болеста е нешто на кое не можеме да останеме имуни и кое не смееме да го игнорираме. Но, како што вели Сартр, ‘на светот имало толку чуми, колку и војни’, така што појавата на епидемии не можеме ниту да ја спречиме, ниту да ја предвидиме. Од оваа ситуација треба да извлечеме поуки и од неа да излеземе како победници, со крената глава, а не како поразени“, вели за весникот Вечер режисерката Нина Николиќ.

Сега е вистинска шанса да покажеме колку ја сакаме Македонија

Според неа ова е еден од најтешките тестови за нашата земја во поновата историја. „Треба да бидеме горди што нашиот здравствен систем, барем засега, достоинствено ѝ се спротивставува на опасноста. Но, сега работата зависи од секој од нас поединечно. Во вакви моменти, кога сите сме подеднакво загрозени се гледа кој е херој, а кој предавник. Еве ни конечно вистинска шанса да покажеме колку ја сакаме Македонија. Во таа смисла, изолацијата треба да се сфати како проактивна состојба, а не како пасивно седење дома зашто само така може да се прекине ланецот на ширење на вирусот. Мене лично времето ми поминува брзо и интересно: книги, онлајн претстави, филмови, јамб…“, додава Николиќ.

Режисерката која на публиката ѝ е позната по претставите „Отело“, „Галеб“, „Разговори во четири очи“ вели дека за 2020 година имала повеќе планови како премиери, гостувања, фестивали. „Дел од предвидените фестивали се одложија за следната година, но се надевам дека престојните изведби на ‘Отело’ на Скопско лето и на Меѓународниот театарски фестивал ‘Бутринти’ во јули ќе се остварат. Мислам дека потоа ќе продолжиме нормално да функционираме. До крајот на годината, со Дарја Ризова, се надеваме дека ќе оствариме еден проект кој веќе долго го подготвуваме, но ќе мораме да почекаме работите да се вратат во нормала за да ги откриеме деталите. Дел од обврските може и мора да се завршат дома, но театарот е колктивен чин и тој се создава на проби така што тешко е да се направи претстава од дома“, посочува Николиќ.

Постојат обиди за создавање онлајн претстави

Запршана како би го искоментирала онлајн начинот на функционирање кој го практикуваме од започнување на корона кризата, таа вели дека овој начин на комуницирање имаше земено голем замав и пред кризата, но сега имаме шанса да почувствуваме дека тој не е идеален. „Се разбира, корисен е за да не се оддалечиме потполно, како и за да не се чувствуваме осамено за време на изолацијата, но тој не може да биде замена за вистинско дружење каде сите сме физички присутни. Гледам дека постојат и обиди за создавање онлајн претстави, каде секој актер проба и игра од дома. Силно ги поддржувам колегите кои храбро се впуштаат во вакви авантури, но театарот треба да се игра и гледа во живо. Исто така, во моментов имаме ретка прилика онлајн да гледаме снимки од многубројни претстави, опери, балети…итн, во продукција на најзначајните театри од светот, дел од моменталниот репертоар, дел од архивите. Она што е актуелно претставува инспирација и предизвик, архивските материјали од постари претстави нѐ потсетуваат дека ништо не поаѓа од нас, но и дека не смееме да  идеализираме и да се навраќаме на нешто што повеќе не комуницира со публиката“, додава Николиќ.

Театарот е природна потреба и на неговите создаватели и на конзументите

За разлика од многумина, режисерката Николиќ е на став дека заради пандемијата уметноста нема ништо да загуби. „Со оглед на тоа што таа се храни од искуствата на авторите, по кризата ќе следи силен бран на креативност кој публиката нетрпеливо го очекува. Сигурно ќе има одредени финансиски скратувања, но мораме да бидеме свесни дека во овие кризни моменти тоа е нормална појава. Уметноста претрпела многу посилни удари од корона вирусот, но секогаш како феникс се издигнувала од пепелта, така што не се сомневам дека и овој пат ќе биде така. Театарот е природна потреба и на неговите создаватели и на конзументите, сигурна сум дека салите ќе бидат поисполнети со публика отколку пред кризата“, истакнува таа.

Што се однесува до поуката која може да ја извлечеме од целата оваа состојба, Николиќ вели дека оваа ситуација ни покажува дека во трката за гола егзистенција, пари и слава човекот заборавил да ја негува состојбата на духот. „Па во овие моменти кога сите пасоши вредат исто, не знае како да се избори со самиот себе, што раѓа негативни мисли и идеи дека корона вирусот ќе го уништи светот. Од друга страна ѝ дадовме на природата шанса да ни покаже колку сме ја запоставиле и угнетувале, а таа е главен извор на живот. Се надевам дека од ова ќе излеземе поучени дека за да се бориме со вакви непријатели, мораме постојано да инвестираме во себе и да градиме личен и колективен ментален и душевен имунитет“, додава режисерката.

На прашањето, пак, дали споделува искуства со колеги од другите држави таа со потврден одговор. „Се разбира дека комуницирам со колегите од странство. Состојбата е секаде иста: затворени културни установи, неизвесност, желба за работа. Очигледно е дека во најтешка ситуација се слободните уметници, посебно во регионот кои имаат нестабилни примања, без изгледи за нови проекти барем до почетокот на летото. Мислам дека системот е должен да најде начин да ги одржи во живот, зашто бесценета штета ќе биде доколку згасне независната сцена во регионот“, посочува таа. (Н.И.Т.)