Зинедин Зидан (50 години) е еден од најдобрите играчи во историјата на фудбалот, а подеднакво е успешен и како тренер. Но, иако и птиците знаат кој е Зинедин Зидан, сепак малкумина се оние кои му го имаат слушнато неговото вистинско име. Вистинското име на Зидан на јавноста ѝ го откри италијанскиот спортски новинар Федерико Буфа во една од своите емисии. Имено, вистинското име на легендарниот фудбалер е Зајид Алдид Ал Јазид, што е навистина непознат податок за многу фудбалски фанови.

Како што е познато, популарниот Зи-Зу е по потекло од Алжир. Таткото Смаил работел како магационер и ноќен чувар во стоковна куќа, додека мајка му Малика била домаќинка.

  • Имам афинитет кон арапскиот свет. Тоа го имам во крвта, преку моите родители. Многу сум горд што сум Французин, но многу сум горд и на моите корени и различноста, изјави своевремено Зидан.

Поранешниот играч од средниот ред, речиси 30 години е во брак со Вероника Зидан, со која има четири деца: Енцо Фернандез, Елјаз Зидан Фернандез, Тео Зидан и Лука Зидан.

Познато е и дека Зидан е многу приврзан за својата сестра Лила, поради што беше исклучен во последниот натпревар во кариерата кога во финалето на Светското првенство во 2006 година со глава во гради го удри Марко Матераци.

Во големото интервју за „Л‘Екип“, поранешниот ас на Јувентус и Реал Мадрид неодамна објасни зошто тој ден бил особено емотивно напнат. Французинот тогаш се загрижил за својата мајка, па паднал на провокацијата на Матераци, кој ја навредил сестра му.

  • Мајка ми беше многу уморна тој ден. Разговарав со сестра ми по телефон неколку пати на ден. Значи, знаев дека мајка ми не е добро. Само бев загрижен за неа. Ја навредуваше сестра ми, која во тој момент беше со мајка ми, објасни Зидан.

Како играч ги имаше сите фудбалски карактеристики: класа, карактер, техника, елеганција, сила и талент. Во текот на кариерата ги освои сите најважни трофеи, вклучувајќи ја и „Златната топка“.