Никој нема право да нѐ присилува, ама ако треба приколките ќе ги оставиме пред Влада и Град Скопје

679

Сопствениците на приколките се противат на одлуката на Општина Сарај во рок од 60 дена да се дислоцираат од кампот. Велат дека сè уште важечки им е договорот за плаќање на годишен паушал со општинското комунално претпријатие. Правдата ќе ја бараат преку суд, а ако бидат присилени на дислокација, приколките ќе ги „насадат“ пред Влада и Град Скопје 

Камп-приколките поставени покрај СРЦ „Езеро Треска“ и за што редовно секоја година била плаќана закупнина (паушал) од 12.300 денари, треба да се дислоцираат во рок од два месеци.

Писменото известување сопствениците на камп-приколките го добиле на 29 декември, два дена пред новогодишните празници во кое Општина Сарај ги информира дека нема услови повеќе да бидат таму затоа што ќе треба да се реализира Деталниот урбанистички план според кој е предвидено да се гради викенд-населба, хотелски комплекс и спортско-рекреативен центар за развој на екотуризам, со што воедно ќе се врати во функција и езерото.

– Чекаме да се прогласи езерото Треска за слободна туристичка зона. Информацијата од кај нас е поднесена до Министерството за економија кое треба да и предложи на Владата да го прогласи езеро Треска за слободна туристичка зона. Очекувам тоа да се случи многу брзо. Урбанистичкиот план е веќе донесен и потоа е на ред Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот да ја тера постапката на негова реализација – вели Сефи Шабани, секретар во Општина Сарај.

Тој очекува дека сопствениците на камп-приколките ќе го испочитуваат барањето на Општина Сарај и ќе ги дислоцираат.

– Мислам дека ќе ги тргнат камп-приколките. Имаат доволно време од два месеци и нема потреба за дополнителни тензии бидејќи реализацијата на урбанистичкиот план е во корист на сите, на граѓаните, на нас како општина, но и на државата за повторно заживување на овој дел на Скопје – нагласува Шабани.

Pобаравме одговор од градоначалникот на Сарај, Блерим Беџети да ни каже какви сè содржини се предвидува во ДУП-от да се градат, но на неговиот телефон постојано се вклучуваше телефонска секретарка.

Инаку, лани Владата даде зелено светло да се пренамени дел од земјоделското земјиште околу селата Шишево и Глумово во градежно со цел да може општина Сарај да го направи урбанистичкиот план со планирани содржини предвидени за слободна туристичка зона.   

Сопствениците на камп-приколките не се согласуваат со ваквата, за нив, ненадејна одлука на општината и вчера јавно проговорија за проблемот. Сметаат дека општината нема право да ги присилува на тоа бидејќи договорите за плаќање на годишен паушал потпишани со ЈКП „Лиќени Треска″ сѐ уште се на сила.

– Ние сами не ги донесовме приколките кај езерото, туку со одлука на Град Скопје од 1987 година, бидејќи не сакаше нашите приколки да ги има по паркинзите пред зградите и на улиците во Градот. Веќе се организиравме во Здружение, ќе ангажираме и адвокат и ќе ги преземеме сите активности да не дојде до тоа иселување – велат од Здружението на сопственици на камп-приколките на езерото Треска.

Покрај езерото Треска има поставени околу 500 приколки, некои од нив се тука повеќе од 30 години, а сопствениците донеле струја и учествувале во уредување на крајбрежјето. Исто така им е чудно што одлуката за дислоцирање се носи кога сè уште Владата не дала зелено светло за туристичката развојна зона, која, патем, се гради на спротивната страна од местото каде што се поставени приколките.

Најавуваат протести и оставање на приколките пред зградата на Владата и пред бараките на Град Скопје.

Езерото Треска е изградено во 1978 година со самопридонес од жителите на Скопје. Денеска, дваесетина години откако е затворено, комплексот околу езерото е целосно уништен. Спортско-рекреативниот центар „Езеро Треска“ во 2014 година е даден на управување на општина Сарај.

(С.Бл.)