Николовски: Договорното производство е најдобро решение за зголемување на домашното производство на храна

36

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски денеска одржа средба со претставници на земјоделски здруженија и преработувачи на којшто се разговараше  за сите аспекти на развој на договорното производството на пченка и сончоглед.

На состанокот, како што соопшти МЗШВ, беа предложени мерки за развојот на ова производство и начинот на договарање меѓу двете страни за овие две суровини, пченката како важна суровина за производство на добиточна храна и сончогледот како суровина за маслото за јадење.

Министерот Николовски на состанокот посочи дека министерството веќе работи на мерки коишто ќе придонесат за зголемување на површините и приносите на овие две стратешки култури. Мерките ќе бидат насочени кон тоа што им е најважно во моментот на земјоделците, односно во делот на финансиска поддршка за набавка на вештачки ѓубрива.

-Придобивките од развојот на овој модел се заемни, земјоделците добиваат сигурен пласман, откупувачите и преработувачите сигурна домашна суровина. Поддршката за договорно производство, за земјоделците значи мотив повеќе да ги насеат овие значајни култури, се наведува во соопштението.

Министерот Николовски посочи дека целта е да се стават сите и земјоделци и преработувачи во еден систем кој ќе гарантира сигурност на производството, што ќе приодонесе за зголемување на домашното производство на оваа значајни земјоделски култури.